Скопје, 23. јуни 2020 (ОХРИДПРЕС) – Шефицата на Канцеларијата на Светската здравствена организација (СЗО) во земјава, Џихан Тавила во интервју за ТВ Телма изјави дека Македонија е меѓу земјите кои се најтранспарентни во споделувањето на бројките и статистиката во однос на заразените, починатите и излекуваните од COVID-19.
– Изјавата дека Македонија има најголема стапка на смртност во регионот, навистина не е точна изјава. Знам дека Македонија е меѓу земјите кои се најтранспарентни во споделувањето на националните бројки и статистиките, објаснува Тавила.
Според неа, тоа се отсликува во регистрирањето и пријавувањето на секој смртен случај заради Ковид-19.
– Јас знам дека Македонија прави и посмртен тест за луѓето кај кои треба да се утврди причината за смртта, кога тоа не е јасно. Тоа што можам да го кажам е дека треба да бидеме многу внимателни кога ги споредуваме земјите, заради можните разлики во начинот на кој се собираат податоците и треба да се знае дека нема секогаш иста конзистентност на податоците за смртните случаи меѓу земјите, вели претставничката на СЗО која потенцира дека Македонија ги следи правилата за регистрирање, а сите контакти со потенцијалните случаи или потврдените случаи се откриваат, тестираат, изолираат и третираат според потребите. (Крај)
извор: Тв Телма фото: архива