март 29, 2020

Охрид, 29. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – По вчерашното патешествие сакам да ви кажам дека имам пријатели и од многу поразвиени земји кои се во карантин во многу полоши услови од нашите, па не се бунат.

– Индивидуалци кои сѐ уште не разбираат дека се работи за реален проблем со кој се соочуваме и се однесуваат неодговорно, не само што го загрозуваат сопственото здравје и здравјето на сите околу нив, туку ги спречуваат и службите да ја вршат работата поодговорно, вели во својот коментар на неговиот Facebook  профил, познатиот македонски снимател, Самир Љума, откако пристигна со организиран превоз во хотелот „Десарет“ во Охрид, каде со неговата група патници прифатени од скопскиот аеродром се донесени во 14 дневен државен карантин поради превенција од COVID-19, јави порталот ako.mk.

Еден од снимателите на ,,Медена земја, Самир Љума, вчера објави видео од автобусот во кој патуваа по пристигнувањето во Скопје, на кое се гледаше како патници веднаш се фатиле за цигарите и пушат, но потоа го отстрани од социјалните мрежи, веројатно под притисок или молба од некого.

– Шоферот од мојот автобус најверојатно поучен од предходните патници дека за „мир во куќа“ дозволил да се пуши, го направил тоа за да можат да издржат луѓето 6 часа од слегување од авион до карантин. Неизвесноста и нетранспарентноста за тоа каде ќе не сместат е исто така резултат на сите оние кои досега бегаат од карантин. Само што влеговме во дворот на „Десарет“ еден од патниците коментира „тууу ова е полициско одмаралиште, нема шанси да побегнеме“, па замислете полицијата која работи на спроведување на лицата до карантин со што сѐ се соочува. Вода е неопходно да се обезбеди за патниците кои пристигаат со авиони и чекаат сместување во карантин (следните кои патувате купете си за секој случај во авион цената во Визер е 180 денари за половина литар или 2.5 евра). Ќе издржиме и повеќе од 2 недели карантин, само да сме здрави и живи. Седете дома за да може пак да се гушкаме, пишува Љума. (Крај)

извор: ako.mk фото: Самир Љума

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука