Скопје, 24. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Во периодт 2010-2019 година во континуитет има постојано намалување на вкупниот број на болни од туберкулоза и стапката на преваленца, покажува тренд на постојано опаѓање. Минатата година во Македонија биле регистрирани 199 случаи на туберкулоза, информираат од Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза по повод 24-ти март – Светскиот ден за борба против туберкулоза.
Стапката на смртност од туберкулоза во 2019 година е 0,2/100 000 и е најниска стапка на смртност забележена досега.
Од туберкулоза, стои во соопштението од Институтот, се уште почесто заболува машката популација околу 65 проценти и младите на возраст од 25-45 години, додека од вкупниот број на регистрирани околу шест проценти се деца на возраст од 0-14 години.
– Во 2019 година 90,5 проценти од болните се новозаболени, а 9,5 отсто се лица кои повторно се лекуваат од туберкулоза. Најчеста локализација на болеста е белодробната. Појавата на резистентни и мултирезистентни форми на туберкулоза во Македонија е под контрола иако повремено се регистрираат варирања во бројот на откриените соеви на резистентни бактерии: сепак во 2019 години регистриран е само еден случај со МДР ТБ и еден случај со Рифампицин резистентана туберкулоза што покажува тенденција кон намалување во споредба со претходните години, се вели во соопштението од Институтот.
Во Македонија се применуваат најновите стандардни за дијагностицирање, лекување и превенирање на туберкулоза, кои се инкорпорирани во националната стратегија за контрола на туберкулоза 2018-2022 година базирана на Целите за одржлив развој и глобалната стратегија на Светската здравствена организација насловена како „Крај на туберкулоза до 2030 година”. Благодарение на усогласените активности и мерки за контрола на туберкулоза во нашата земја, од 2002 година до денес бележиме континуирано и постепено намалување на бројот на заболени од туберкулоза.
Одбележувањето на Светскиот ден за борба против туберкулозата е глобален настан, и негова цел е да се подигне свесноста за оптеретеноста со туберкулоза во целиот свет, да се потенцираат можностите за превенцијата и за контрола на болеста која иако може да се лекува и да се излекува, сè уште претставува епидемија од огромни размери во поголем дел од светот.
Светската здравствена организација годинава го одбележува овој ден под мотото „Време е за акција за крај на туберкулозата“ и се оддава посебно признание на улогата и на медицинските сестри и акушерките во дијагностицирањето, лекувањето и превенирањето на туберкулоза и затоа тие се во центарот на вниманието на кампањата. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива