октомври 25, 2020

Охрид, 25. октомври 2020 (ОХРИДПРЕС) – Светот денес го одбележува Меѓународниот ден за подигање на свесноста за лицата заболени од Ахондроплазија.

Да ги дознаеме предизвиците и проблемите со кои се соочуваат. Како ја добиваат дијагнозата? Дали има некаков лек? Колку и дали воошто се пристапни и достапни лековите?… Дел од одговорите на овие прашања веќе втора сезона добиваме преку запознавањето со овие болести во рамките на проектот „Ги запознаваме ретките болести“ на активистот Гордана Лолеска, Супер радио и Здружението „Живот со предизвици“, во кој оваа година, покрај другите, дознавме повеќе за оваа ретка болест. Третата сезона е во подготовка и ќе започне со емитување на 1-ви февруари 2021 година.

Ахондроплазија
МКБ Q 77.4
Achondroplasia

Ахондроплазија е болест која се наследува автозомно доминантно, се манифестира веднаш по раѓањето со џуџест раст. Мутацијата на 4-от хромозом доведува до кратки коски на екстремитетите, додека коските на трупот се нормални, а черепот е зголемен со испакнато чело. Лицата се со нормална интелигенција и нормално траење на животниот век. Се манифестира веднаш пораѓањето. Инциденцата на оваа болест е еден на 15.000-40.000 новороденчиња.

Според Националниот институт за истражување на човечки геноми (NHGRI), во повеќе од 80% од случаите, ахондроплазија не e наследна генетска болест. Ова значи дека мутацијата одговорна за ахондроплазија е спонтана и се одвива, од непознати причини, во првите моменти на ембрионалниот развој. Според тоа, процентот на наследни случаи на ахондроплазија е околу 20%.

Клиничка слика
Индивидуите од машки пол со ова заболување достигнуваат просечна висина од 131 см, а од женски пол приближно 124 см. Покрај тоа, движењата на лактот се ограничени. Прстите обично се кратки, а куполите и средните прсти можат да се разликуваат, давајќи им на тупаниците изглед на триаголник. Се обсервира и зголемена глава (макроцефалија) со испакнато чело. Рацете им се многу кратки – со кратки прсти. Бебињата имаат и торакална грпка (грпка на торакалниот ‘рбет), а кај возрасните се јавува лумбална лордоза (деформитет на слабинскиот дел од ‘рбетот). Коските на рамото и градниот кош се асиметрично поголеми од основата на черепот и коските на главата и лицето. Како резултат на тоа, се појавуваат деформитети на лактите, колената, бедренатакоска, ацетабулумот на бутната коска итн. Косата, веѓите и трепките може да бидат тенки, а можна е и целосна ќелавост.

Здравствените проблеми на лицата со ахондроплазија:
– дишењето забавува или запира за краток временски интервал (апнеа)
– дебелина
– инфекции на ушите
– лордоза
– болки во грбот се јавуваат во адултната доба и староста, што може да бидат причина за потешкотии при одењето.

Како се дијагностицира ахондроплазија?
Кога се забележуваат кратки екстремитети за време на бременоста на ултразвучен преглед (обично се мери должината на бедрената коска), преку плазмата на мајката може да се дојде до податок за мутација на генот на ахондроплазија (FGFR3), со што се потврдува дијагнозата. При сомнение за ова заболување, може да се изврши амниоцентеза и биопсија на хорионските ресички, но сепак треба да се има на ум дека овие процедури се поврзани со ризик од спонтан абортус и предвремено породување.

Х-зраците на черепот, ‘рбетот и екстремитетите се вршат рутински за да се утврди степенот на аномалии.
Скенер (компјутерска томографија) и нуклеарна магнетна резонанца исто така се користат во дијагнозата на ахондроплазија. Честопати се врши ултразвучен преглед на мозокот нановороденчето за да се утврди големината на коморите на мозокот, бидејќи овие деца имаат асоциран хидроцефалус (зголемување на количината на цереброспиналната течност). Во случај на сензомоторни промени во телото предизвикани од абнормалности на ‘рбетниот столб, се вршат невролошки прегледи и ЕМНГ (електромионеурографија).

Како се третира ахондроплазија?
При рана дијагностика се дава хормонот за раст (соматотропин) за да се постигне задоволителна висина на телото. Не постои дефинитивен лек за ахондроплазија.

Симптомите кои се јавуваат како резултат на аномалии на скелетниот систем вклучуваат ортопедски третман. Исто така, може да се направи ортопедско продолжување на екстремитетите, со што се постигнуваат дополнителни 20 сантиметри.

Image may contain: 1 person, text

Кампањата „Ги запознаваме ретките болести 2020“, која ја реализираат активистот Гордана Лолеска, охридското Супер радио и Здружението „Живот со предизвици“ ќе се прикажува на 40 национални, регионални и локални медиуми ширум државата. Оваа година, покрај стандардните дијагнози изработени на македонски јазик, проектот доби и албанска верзија и верзија на знаковен јазик, со оглед на тоа што околу 400 ретки дијагнози вклучуваат помала или поголема загуба на слухот. Проектот ги надмина и локалните граници и ќе се емитува на бројни медиуми во Албанија и Косово. Новина оваа година е и тоа што емисиите се изработени и на знаковен јазик.

Првиот ден на ретки болести беше одбележан во 2008 година, точно на 29-ти февруари, „редок“ датум кој се случува само еднаш на секои четири години. Од тогаш, Денот на ретки болести се одржува секоја година на последниот ден од февруари, месец познат по тоа што има „редок“ број на денови. Денот на ретките болести е меѓународна кампања за подигнување на свеста за ретките болести. Од почетокот во 2008-ма година, илјадници настани се организираат низ целиот свет и опфаќаат милиони луѓе. Кампањата започна како европски настан и со текот на времето стана глобален феномен, со учество на над 90 земји од целиот свет во 2018-та година. Република Македонија за прв пат се вклучи во одбележување на овиј редок ден во 2013-та година.

Кампањата за Денот на Ретки Болести е за пошироката јавност, за релевантните институции и секој е добредојден да се придружи: пациенти и семејства, организации на пациенти, медицински професионалци, истражувачи, фармацевтска индустрија, јавни здравствени институции – колку повеќе не има, толку подобро. Денот на ретките болести е можност за учесниците да бидат дел од глобалниот повик кон креаторите на политики, истражувачите, компаниите и здравствените професионалци повеќе и поефикасно да ги вклучат пациентите во истражувањата за ретки болести.

Вклучете се! (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: Супер радио

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука