јуни 26, 2020

Скопје/Охрид, 26. јуни 2020 (ОХРИДПРЕС) – Врз основа на препораките на Комисијата за заразни болести, Владата донесе одлука од денес, целосно да бидат отворени сите гранични премини за непречено движење на патници и возила без приложување на PCR тестови, и без упатување до домашна изолација или спроведување во задолжителен 14-дневен државен карантин.

Со исклучок на Србија, Албанија, Косово и Турција, оваа обврска останува за влез во некои земји во регионот и во ЕУ-членките. За патување во Бугарија и Грција како земји членки на ЕУ важат насоките дадени од ЕК за отворање на границите од 1 јули, годинава. Оваа одлука членките на Унијата треба повторно да ја разгледаат утре поради растот на бројот на заболени од коронавирусот во земјите во регионов. Во меѓувреме, Словенија и Хрватска најавија можност за заострување на граничниот режим и повторно враќање на обврската за двонеделен карантин за лицата кои доаѓаат од Србија, БиХ, Црна Гора, Албанија, Република Македонија и Косово имајќи ја предвид епидемиолошката слика во овие земји. Бугарија, пак, ја продолжи вонредната состојба во земјата до 15-ти јули поради новиот бран на заразени со коронавирусот.

Од 1 јули 2020 година ќе бидат отворени за сообраќај и Меѓународниот аеродром Скопје и на Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Согласно овие одлуки, укината е и забраната за организиран превоз, која исто така стартува од денес. Угостителските објекти од денес ќе можат да работат и во внатрешноста на објектите преку соодветен протокол за работа, а се дозволува и работата на теретаните и вежбалните. Моловите, ќе можат да работат и во неделите. За сите овие одлуки се подготвени протоколи кои ќе бидат задолжителни за сите економски оператори и институции во чија надлежност се овие одлуки. (Крај)

извор: Влада на РМ фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука