Охрид, 24. септември 2020 (ОХРИДПРЕС) – Градските советници со 14 гласови „за“ го усвоија Предлог – заклучот за усвојување на информацијата за одржување на наставата во основните и средните училишта во учебната 2020/2021 година во општина Охрид.
Иако во извештајот од одделението за образование е наведено дека училиштата имаат обезбедено услови за отпочнување на воспитно-образовниот процес во согласно планот и протоколот за одржување настава со физичко присуство и онлајн, советниците се скептици дали навистина образовните установи се подготвени за одржување на наставата.
Според информацијата која ни е дадена не сум сигурна дека сме подготвени за одржување на наставата, затоа што обезбедување на средства за дезинфекција и бесконтактни термометри не се единствен услов за да може да ја одржуваме наставата, рече советничката Рената Арнаудова.
– Се соочуваме со предизвици кои дел не се во ингеренции на општината, но факт е дека не смеат да бидат изземени од заклучокот. Скратените програми за работа ги добивме вчера. Не се согласувам дека сме подготвени со техничката поддршка која ни е потребна во училиштата. Наставниците и професорите одиме на обука за националната платформа за онлајн настава, сите користиме наши лап топ компјутери и работиме на хот спот, како тоа сме технички подготвени? Потоа ние од 1-ви октомври треба да ги обучиме учениците што е губење на неколку часа, рече Арнаудова.
Според советничката Гордана Коњаноска нема сомнеж дека Владата не си ја заврши работата. Истакна дека образованието ќе се соочува со огромни проблеми, а има и реална основа за сомнеж дека ќе имаме успешна година или барем првото полугодие.
Јоне Станкоски од одделението за образование рече дека општина Охрид не е надлежна за воспитно образовниот процес, на нив е да помогнат со подобрување на процесот,односно да се создадат услови. Тој истакна дека се преземени активности за отпочнување на настава со физичко присуство и се она што е потребно е обезбедено.
– Во информацијата стои дека е во постапка за обезбедување услови за онлајн настава. Доколку некој од нас побараше порано ќе го започневме овој процес, кога МОН побара општините да ги преземат овие активности направивме ребаланс на буџетот, дадени се средства на средните училишта, кои се чекор понапред во однос на одвивањето на онлајн наставата, а основните од денес започнуваат, информира Станкоски.
Станкоски рече дека општината на 10-ти овој месец испратила барање до Комисијата за заразни болести да се дозволи одвивање настава со физичко присуство во основните и средните училишта, а денеска или утре ја очекуваат информацијата кои училишта добија зелено светло. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива