Скопје, 27. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Министерството за надворешни работи информира дека во соработка со Генералниот секретаријат на Владата и Министерството за здравство на Република Македонија, денес организираше враќање во земјата на 118 македонски граѓани од Ла Валета, Малта, а во попладневните часови ќе бидат превезени и наши граѓани од Загреб.
Репатријацијата беше организирана со летови на авиопревозникот Wizzair, којшто за овие две дестинации на јавниот повик од Владата на Република Македонија понуди најниска цена за авио билетите. Граѓаните се обврзани сами да ги покријат трошоците за авио превозот, додека задолжителниот 15 дневен карантин којшто беше еден од условите за нивна репатријација, е на товар на државата.
Повикувајќи се на приниципите на солидарност и во духот на добрата регионална соработка, на овие летови ќе бидат превезени и 9 странски државјани, 4 од Хрватска, 4 од Црна Гора и 1 од Косово.
Министерството за надворешни работи упатува благодарност кон надлежните власти во Албанија, Хрватска, Италија, Косово/НАТО, Србија, Босна и Малта за соработката при издавање на дозволи за прелет и целокупната поддршка во овие отежнати околности. МНР продолжува со напорите за помош при враќање во земјава на затекнатите македонски граѓани без регулиран престој во странство. (Крај)
извор: МНР фото: архива