Скопје, 29. јуни 2020 (ОХРИДПРЕС) – Со лет на WizzAir во среда се отвора Меѓународниот аеродрoм Скопје, додека аеродромот во Охрид „Свети Апостол Павле“ ќе се отвори еден ден покасно, во четврток со лет со кој ќе допатуваат туристи од Холандија и Полска, соопшти генералниот директор на ТАВ Македонија, Алпер Ерсој.
Протоколите се подготвени и се по сите светски стандарди. Како што напомена Ерсој, патниците мора да дојдат три часа пред летот зашто проверките поради заштитните мерки се малку позабавени.
– Во авионите нема да има ограничување на местата за седење зашто, летањето би било неисплатливо. Патниците ќе мора да носат заштитни маски за цело време на летот, а кабините на авионите се опремени со специјални хепа филтри кои уништуваат 99,9 отсто од вирусите и бактериите. Затоа авионскиот транспорт ќе биде најбезбеден јавен превоз, посочи Ерсој.
Министерот за здравство Венко Филипче кој заедно со министерот за транспорт и врски Горан Сугарески го посетија Скопскиот аеродром и имаше средба со менаџментот на ТАВ, потврди дека во среда, на 1 јули, двата аеродрома, во Скопје и во Охрид, се отвораат. Филипче информира и дека денеска ќе разговара со грчкиот колега во врска со отворањето на граничниот премин Евзони, а за влез на нашите граѓани во земјите-членки на ЕУ, веќе разговарал со претставници на Советот за здравство на Европската комисија и повторно има закажано состаноци за утре и за четврток.
Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, пак, минатата недела разговарал со надлежните во WizzAir. Рече дека согласно Договорот за финансика поддршка, очекува од први јули да продолжат летовите што беа стопирани во март поради COVID-19.
– Протоколот на Меѓународниот аеродрoм Скопје е според сите светски стандарди. Целосно се застапени основните заштитни мерки: дистанца, дезинфекциски средства и обврска за носење маски, а на влезот е поставена и термална камера. Скринингот ќе продолжи, ќе функицонира и собата за изолација, изјави Филипче по посетата на Аеродромот и средбата со менаџментот. (Крај)
извор: МИА фото: архива