Скопје, 22. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Владата одлучи од денес да воведе целосна забрана за движење во периодот од 21:00 до 06:00 часот. Премиерот Спасовски ја оправда одлуката со потребата да се заштити нацијата и да се спречи ширењето на коронавирусот.
– Се работи за опстанокот на граѓаните, на економскиот систем и на државата, порача техничкиот премиер Оливер Спасовски во обраќањето до граѓаните придружуван од министерот за здравство Венко Филипче.
Од коронавирусот во земјава досега се заболени 85 лица и тоа во шест градови: Скопје, Дебар, Штип, Кавадарци, Гостивар и Охрид. Министерот Филипче денеска веќе ги најави поригорозните мерки поради тоа што голем број луѓе не ги почитувале мерките за изолација.
– Веќе ништо не е исто, животот радикално се пронмени кај нас и во светот. Тоа бара радикално менување и на нашето секојдневие. Затоа ја донесуваме оваа тешка одлука врз основа на стручно мислење на Комисијата за заразни болести, согласно нивните наализи за пренесување на коронавирусот, и за да се спречи негово ширење, рече Спасовски.
Единствено лицата со потреба од итна медицинска помош, кои се во животно загрозувачка состојба, ќе смеат да се движат во тој дел од денот, и тоа исклучиво во придружба на најмногу две лица. Со мерката не се опфатени припадници на МВР, АРМ, противпожарни екипи и екипите на Комунална хигиена. Се ограничува и бројот на дежурни аптеки, а пристап до нив ќе имаат само лица кои извршиле преглед во медицинска установа. Такси компаниите ќе можат да дежураат само со ограничен број возила и исклучиво за превоз кон и од болничка установа. Притоа, возачите задолжително ќе мора да користат заштитна опрема. Нема да има јавен превоз во тој период, а меѓуградскиот превоз ќе се ограничи на 50 отсто од капацитетот. Ќе смеат да дежураат и екипи на ЕВН; Водовод и топлификација, но само по претходна најава.
Останува во сила забраната за собирање на групи поголеми од 5 лица и тоа во период од 24 часа. Од фабриките и фирмите се бара да го прилагодат работното време. (Крај)
извор: DW фото: DW