Охрид, 10. ноември 2020 (ОХРИДПРЕС) – Од утре стартува бесплатната вакцинација против сезонски грип, која годинава ќе се реализира преку Здравствените домови.
Со цел да му се олсни работата на Центарот за јавно здравје, поради ангажираноста со ковид пациенти, бесплатната имунизација ќе оди преку нас. Вакцините ги очекуваме денеска, а подготвен е и посебен вакцинален пункт во рамки на Здравствениот дом, вели за Супер радио и OhridPress директорката Ајсел Зејноска.
– Годинава бесплатните вакцини ќе се даваат во здравствените домови во Охрид, Струга и Дебар. Денес стигнуваат околу 600 дози за Охрид и тоа е прва дистрибуција, втората, најверојатно уште толку, ќе биде доставена на крај на ноември и почеток на декември. Вакциналниот пункт е сместен во поранешната ординација на д-р Величе Маркоски, вели Зејноска.
Бесплатните вакцини против сеознски грип се наменети за здравствените работници, ризичните групи во кои спаѓаат стари лица на возраст над 65 години, лица со хронични заболувања, бремени жени и деца на возраст од шест месеци до пет години.
Комерцијалната вакцинација, пак, ќе ја спроведува Центарот за јавно здравје, а дозите вакцини ќе простигнат во првата недела на декември, информира директорот Сашо Точков.
– За Охрид, Струга и Дебар ќе бидат набавени 1.000 дози комерцијални вакцини. Оваа година, споредено со ланската, двојно се зголемени бесплатните вакцини, ако лани сме имале 2.000 годинава за Охрид,Струга и Дебар треба да имаме 4.000, истакна Точков.
Десет до петнаесет дена е потребниот период за да се создадат антитела и имунизацијата да има ефект. Грипот, или инфлуенца, е заразна болест предизвикана од вирусите на рибонуклеинската киселина, од фамилијата на вирусите на грипот. Најчести симптоми кои што се јавуваат при оваа болест се треска, настинка, воспалено грло, болки во мускулите, неподносливи главоболки, кашлање, изнемоштеност или омалаксаност и неудобност. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива