мај 12, 2020

Охрид, 12. мај 2020 (ОХРИДПРЕС) – Стоматолошките ординации почнуваат со работа од утре одлучи Комисијата за заштита од заразни болести.

Откако поради коронавирусот беа затворени, од утре повторно се враќаат во служба на пациентите, согласно препораките и протоколите за работа дадени од Стоматолошката комора на Република Македонија.

Здравствените работници ќе носат заштитна опрема и ќе се придржуваат до сите пропишани протоколи за заштита, а на секој пациент пред приемот ќе му биде измерена телесна температура, вели за Супер радио и OhridPress д-р Беби Ласовски од стоматолошката ординација „Ласовски“.

– Од утре повторно се враќаме во ординација, со почитување на дадените протоколи. Ќе ги спроведеме сите хигиенско-превентивни мерки како би се заштитиле себеси и своите пациенти. Па, согласно протоколите ќе носиме лична заштитна опрема. Задолжително е секој пациент да носи маска, се’ до моментот на седнување на стоматолошкиот стол. На секој пациент пред приемот ќе му биде измерена телесна температура. Закажувањето на термин ќе се врши со јавување на телефоните 078/987-888 и 075/792-470, преку mail или преку било кое друго средство за комуникација, вели Ласовски.

Image may contain: 2 people, people smiling

Согласно протоколите, пациентите кои влегуваат во ординацијата задолжително мора да одговорат на прашањата од анамнестичко епидемиолошки прашалник, како и да потпишат согласност за интервенција/стоматолошко лекување во услови на пандемија на COVID-19. При работа со пациент со потврдено присуство (позитивен на COVID-19) кај кој мора итно да се интервенира и кој се третира во специјализирана установа потребно е: два пара ракавици, маска FFP3 (ако е со вентил преку неа и трослојна хирушка маска), визир, каљачи, еднократно или повеќекратно (скафандер) заштитно одело, капа за еднократна или повеќекратна употреба и каљачи и еднократна заштитна престилка. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука