Охрид, 28. мај 2020 (ОХРИДПРЕС) – И покрај најавите и исчекувањето, денеска, на првиот ден од новиот старт со работа на кафетериите, голем дел од нив беа полупразни.
– Ќе се нормализира состојбата. Најверојатно предолго траеше карантинот, па сега ни треба малку време да се вратиме во нормала. Тука се и мерките кои мора да се почитуваат, коментираат дел од угостителите за Супер радио и OhridPress.
Забележително беше дека дел од угостителските објекти воопшто не ги отворија вратите, а неофицијално велат дека ќе почекаат до целосно нормализирање на состојбата.
Охридските угостители деновиве ги спроведоа последните подготовки за денешниот старт со работа. Во центарот на градот, каде е сконцентриран најголемиот број вакви објекти деновиве беше раздвижено. Вработените ги дезинфицираа објектите, се местеа масите и столовите, а дел ги уредуваа и терасите, кои периодов кој е пред нас ќе бидат носечкиот дел на нивната работа. Работното време на угостителските објекти за исхрана е ограничено од 08:00 часот до 22:00 часот, и се дозволува работа само на отворените делови од угостителските објекти за исхрана со послужување, кои се од три страни отворени со кровна конструкција.
Претседателката на Инспекцискиот Совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска, на денешната редовна прес-конференција, информираше за деталите за воведените протоколи за отворање и работа на кафетериите и угостителските објекти, кои произлегуваат од измените на Одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на коронавирус COVID-19, како и за идните планирани активности на инспекциските служби во насока на контрола на примена на протоколит, при што потенцираше дека врвен приоритет на овие протоколи е да се зачува здравјето на граѓаните.
– Протоколот за отворање и работа на угостителските објекти за исхрана утврдува дека работното време е ограничено од 08:00 часот до 22:00 часот, и се дозволува работа само на отворените делови од угостителските објекти за исхрана со послужување, кои се од три страни отворени со кровна конструкција. Вработените во угостителскиот објект кои послужуваат задолжително носат заштитни маски и зачестено одржуваат хигиена на раце, а се ограничува и бројот на гости, односно ќе се послужуваат само гости кои може да седат или лица кои преку шалтер ќе подигнуваат нарачки, односно не е дозволено послужување на гости на стоење на шанк и стоечки маси. Протоколот наведува дека е задолжително менаџирање на влегувањето на гостите за кое е потребно да се определи одговорно лице. На отворениот простор за послужување на гости каде има поставено маси, да се обезбеди растојание од столче до столче од 1,5-2 метри со соседните маси во сите правци, а на една маса со четири столици може да седат и да се послужуваат максимум две лица, додека на една маса со четири столици може да се послужуваат четири лица доколку се од исто семејство. Протоколот дозволува максимален број од 12 лица на споени маси заедно со задолжително растојание помеѓу секој гостин од 1.5 метри. Задолжително е поставување на дезинфекционо средство за раце на секоја маса, како и засилени внатрешни контроли на вработените лица за одржување на личната хигиена (често миење раце) во сите фази на подготовка, прием и послужување на храна од страна на одговорно лице. Се наложуваат засилени санитарно-хигиенски мерки, пребришување на масите со средство за дезинфекција кое делува на вируси според упатство од производителот при заминување на гостите од секоја маса, а на крајот на смената задолжително механичко чистење и дезинфекција со средство кое делува на вируси според упатство од производителот, алтернативно може да се користи 0,05% натриум хипохлорит (5% белило за домаќинство кое се користи во размер 1:100) или 70% алкохол за дезинфекција на горни површини. Протоколот утврдува дека е задолжително редовно одржување на тоалетите со водење на евиденција за спроведеното чистење и со употреба на наведените дезинфекциони средства. Во тоалетите е забрането користење на сушачи за раце, а задолжително е користењето на хартиени бришачи за раце за еднократна употреба. Во оваа фаза протоколот забранува организирање на прослави (свадби, родендени, крштевки и сл.), објасни претседателката на Инспекцискиот совет. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива