Охрид, 3. октомври 2020 (ОХРИДПРЕС) – Ученици од ООУ „Григор Прличев“ постигнаа забележителен успех на државниот натпревар по биологија, кој се одржа на 29-ти септември 2020 година.
-Леонид Тодороски од 7 одделение освои прва награда, а според поените од трите циклуси на натпревари (општински, регионален и државен), со вкупно 94% се стекна со Сертификат меѓу најдобрите. Иван Бурич од 7 одделение, според освоените бодови од трите циклуси и освоени 100% освои прво место во целата држава и е најдобар ученик на натпреварот по биологија за 7 одделение и исто така се стекна со Сертификат, информираат од училиштето.
Успехот е постигнат под менторство на професорката Зоре Грозданова- Ѓоршовска, која не го криеше задоволството од успехот на учениците.
-Навистина сум среќна и горда на моите златни деца-ученици. Знаев дека помалку од овој успех нема да постигнат, бидејќи денот по утрото се познава. Им честитам од срце за постигнатиот успех и им посакувам само успеси да ги следат, напиша Грозданова- Ѓоршовска. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес