Скопје, 3. април 2020 (ОХРИДПРЕС) – Претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска, денеска на прес-конференција во Владата ги презентираше наодите од спроведените инспекциски надзори во периодот од 28-ми март до први април годинава.
– Со цел да се гарантира целосно почитување на мерките и препораките на Владата за заштита од ширење на коронавирусот инспекторите продолжуваат со интензивни надзори на терен. Од страна на шест инспекторати се направени вкупно 5.213 надзори. Општата констатација на инспекторатите е дека поголемиот дел од субјектите ги почитуваат владините мерки за превенција од Коронавирусот, рече Филиповска-Грашкоска.
Според податоците најголемиот дел од контролите во периодот од овие 5 дена, вкупно 4.261 ги направил Државниот пазарен инспекторат. Од нив 823 се за замрзнатите цени на одредени производи, додека останатите 3.438 на трговски, услужни и угостителски објекти.
– При тоа се затворени вкупно 20 угостителски објект во Скопје, Гостивар и Тетово, Струга, Битола. Истовремено инспекторите во повеќе градови низ државата направија визуелни контроли при што констатацијата е дека поголемиот дел од угостителите ги почитуваат мерките. Државниот пазарен инспекторат ги контролира и кафематите. Од инспекциската контрола направена во Штип констатирано е дека 34 кафемати не работеле. Државниот пазарен инспекторат покрај контролите на угостителските објекти и на трговците со одлука на Влада е задолжен да ги контролира и замрзнатите цени на одредени производи. Во периодот од овие 5 дена утврдени се помал број зголемувања на цените на цитрусното овошје и други производи, но по укажувањето се вратени старите цени од 11-ти март. Истовремено по излегување на терен од страна на инспекторите е констатирано и дека има голем број неосновани пријави за зголемени цени на лимони кај одредени трговци. Со оглед на тоа дека располагаме со ограничен број на инспектори уште еднаш замолуваме пријавувањето да се прави само кога навистина има реални непочитувања на владините мерки, рече Филиповска-Грашкоска.
Државниот пазарен инспекторат постапи по една пријава за фалсификат средства за дезинфекција (екосал и дезентал). За оваа пријава надзорот е во тек.
Филиповска-Грашкоска истакна дека Државниот санитарен и здравствен инспекторат изврши вкупно 74 надзори. Во овој период од 5 дена издадени се вкупно 1.019 дозволи за влез на професионални возачи на товарни возила во Република Македонија. Овие дозволи се потребни за непречено снабдување на државата со неопходните стоки, но под посебниот протоколарен режим при патувањето и при влезот во земјата донесен од страна на Министерството за здравство и Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Констатирано е дека возачите се придржуваат на пропишаните препораки за заштита од Ковид-19.
– Агенцијата за храна и ветеринарство во периодот од 28-ми март до први април спроведе вкупно 277 надзори во повеќе градови низ државата во маркети, угостителски објекти, месарници, производствени објекти, зелени пазари. При тоа изречени се 22 казнени мерки едукации поради неспроведени обуки за основни знаења за безбедност на храна од овластени институции. Работа на вработени без здравствен преглед за санитарна книшка при што вработените се веднаш отстранети од објектот како и не водење на записи за добра хигиенска пракса (ДХП). Исто така издадени се 5 решенија на месарници и маркети за констатирана лоша општа хигиенска состојба и е состојба и е наредено веднаш спроведување на дезинфекција, дератизација и дезинсекција, Филиповска-Грашкоска.
Претседателката на Инспекцискиот совет истакна дека Државниот инспекторат за труд во периодот од овие пет дена има реализирано вкупно 414 контроли при што се донесени 1 решение и 22 укажувања за работодавачите кои не постапиле по препораките на Владата.
– Поголемиот дел од овие надзори биле поврзани со постапување по преставки за платено отсуство на родител на дете до 10 години, самохран родител, бремени жени и хронички болни, рече Филиповска-Грашкоска.
Државниот инспекторат за транспорт во периодот од 28 март до први април направи вкупно 155 надзори. При тоа е констатирано дека меѓуопштинскиот сообраќај е речиси целосно редуциран, односно неговиот интензитет е намален за околу 90%. Меѓународниот линиски превоз на патници е во целосен прекин и нема постојан престој на граничните премини.
Малмед во периодот од овие пет дена изврши вкупно 32 надзори. Нема специфични отстапувања, секторот ги почитува препораките, се одржува ред во аптеките, се дозволува влез на ограничен број на лица во аптеките. Цените се согласно препораките и одлуките на Владата. Инспекторите ја следат состојбата секојдневно.
– Инспекциските служби продолжуваат интензивно со сите свои капацитети да работат на терен. Порачуваме дека секој кој нема да се придржува до мерките на Владата ќе биде санкциониран, без исклучок. Овие мерки се донесени во интерес на здравјето на граѓаните и на јавното здравје и мора да се почитуваат. Повикувам на одговорност од секое правно лице, од секоја индивидуа во нашето општество. Јавното здравје зависи од сите нас, рече Филиповска-Грашкоска. (Крај)
извор: Влада на РМ фото: Влада на РМ