Скопје, 7. мај 2020 (ОХРИДПРЕС) – Ја добивме првата битка со коронавирусот. Само ако сме сите совесни и одговорни ќе успееме да ја држиме ситуацијата под контрола, објави вчера оптимистички министерот за здравство Венко Филипче, притоа укажувајќи дека враќањето на животот во нормала ќе се одвива постепено, внимателно и со задолжително почитување на мерките за заштита.
Оптимизмот на министерот се должи на тоа што во изминатите денови поголем е бројот на оздравени од новопотврдени на КОВИД-19 (вчера 44 наспрема 13), како и поради добрата состојба на пациентот кој 12 дена беше на респиратор во ГОБ „8 Септември”.
Од почетокот на епидемијата во земјава КОВИД-19 е потврден кај 1539 лица, оздравени се 1057 и починати 88. Активни случаи има 394. Една третина од вкупниот број заразени (515) се во Скопје, а следна општина по број на дијагностицирани е Куманово со 402. Случаи со потврден вирус има во уште 26 градови.
За постепеното нормализирање на секојдневието се подготвуваат протоколи од Комисијата за заразни болести и Владата односно Министерството за здравство.
Министерот за економија Крешник Бектеши вчера најави дека Владата наскоро ќе донесе одлука за отворање на кафетериите и рестораните, но и дека за угостителскиот сектор ќе следува и нова поддршка од државата откако ќе бидат отворени.
Дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ, пак, соопшти дека работат на протокол со кој ќе се овозможи повторно отворање на градинките и нивно безбедно функционирање. (Крај)
извор: МИА фото: архива