април 7, 2020

Скопје/Охрид, 7. април 2020 (ОХРИДПРЕС) – Во Клиничката болница во Битола пристигнаа сите пациенти од болницата во Охрид, во центарот којшто е регионален за третман на сите пациенти од овој регион, објави на денешната прес конференција министерот за здравство Венко Филипче.

– Тоа ќе биде центар којшто е регионален за третман на сите пациенти од овој регион, имајќи ја во предвид добрата инфраструктура, физички одделено одделението за инфективни болести од зградата на болницата, но и доволниот број на инфектолози и анестезиолози доколку е потребна поддршка во смисла на инкубација и респираторна машина, истакна министерот Филипче.

Во изминатите 24 часа, регистрирани се 29 нови случаи, позитивни на Коронавирусот. По градови: Скопје – 15, Куманово – 7, Прилеп – 1, Струга – 3 и Кочани – 3. Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 во нашата земја изнесува 599 лица. На Клиниката за инфективни и фебрилни состојби во Скопје починаа 4 пациенти заболени од Коронавирус. Станува збор за пациент од Куманово (52 години), пациентка од Лабуништа, Струга (65 години), пациентка од Челопек, Тетово (62 години) и една пациентка од Штип (81 години). Во Куманово дома почина уште еден пациент, потврден на вирусот на возраст од 53 години.

Новиот директор на Општата болница во Охрид, д-р Горан Балевски денеска соопшти дека состојбата со заразата со коронавирусот будно се следи, уверувајќи оти здравствената установа има доволно капацитети, знаење за справување со предизвиците што ги носи епидемијата.

– Формиран е кризен штаб составен од избрани лекари од сите одделенија, така што со заеднички насоки формиран е тријажен центар за прием на болни, кои потоа според однапред утврдени патеки на движење потоа се упатуваат кон соодветни одделенија зависно од потребата, изјави Балевски за МИА.

Моментално во болницата во Охрид се испразнети одделенијата за геријатрија и кожни заболувања, резервирани за сместување пациенти со сомнителна клиничка слика односно со симптоми на Ковид-19, а без потврдена дијагноза. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука