Струмица, 24. октомври 2020 (ОХРИДПРЕС) – Доколку произлезе потреба од ангажирање на уште повеќе кадар, ќе се пренаменат и другите болнички капацитети, не само во инфективните туку и во интернистичките одделенија.
-Ова е нешто што почна да се практикува во болниците во Охрид, Битола и Прилеп, каде пациенти се сместуваат на интернистичките одделенија, изјави денес министерот за здравство на Република Македонија д-р Венко Филипче.
Директорот на охридската Општа болница д-р Горан Балески неодамна за Супер радио и OhridPress информира дека ако состојбата се влоши и се јави потреба за хоспитализација на пациенти ќе се преселат хирушките амбуланти со што ќе се добијат околу 9 легла, што според него не е мал капацитет за Општата болница во Охрид.
Најавената модуларна болница се’ уште не е изградена. Локацијата и приодите се обезбедени, предвидено е да има 40-на легла, а за поставувањето ќе постапува согласно насоките што ќе ги даде министерството за здравство.
Според последните информации на Центарот за јавно здравје од Охрид, во периодот од 17-ти до 23-ти октомври во Охрид COVID-19 e дијагностициран кај 86 лица, активни се 149 случаи, оздравеа 14 лица.
Во текот на последните 24 часа се направени 2.367 тестирања, при што се регистрирани 518 нови случаи на COVID-19, од кои имаме 15 новозаболени и 3 оздравени лица од Охрид, стои во последната официјална информација (за 23.10.2020 година) на Министерството за здравство на Република Македонија. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива