Скопје, 15. февруари 2021 (ОХРИДПРЕС) – Течат подготовките во Модуларната болница каде во среда започнува вакцинацијата на здравствените работници, напиша на својот профил на Фејсбук министерот за здравство, Венко Филипче. – Вакцинацијата ќе се одвива на пет вакцинални позиции, а во тимовите за имунизација има медицински сестри и лекари. Модуларната болница ќе работи во две смени од 08:00 до 20:00 часот, вели Филипче.
Од среда во Македонија стартува имунизацијата против COVID-19, откако вчера пристигна првата пратка од 4.680 вакцини од предвидените 8.000 вакцини на компанијата „Фајзер“ кои се донација од Србија. Први ќе се вакцинираат здравствените работници во модуларната болница во Клиничкиот центар. Досега се пријавени 4.000 здравствени работници за вакцинација, од кои околу 2000 се во градот Скопје, а останатите се во другите градови.
Кон средина на месецов се очекува да пристигнат и 200 000 кинески вакцини од компанијата „Синофарм“.
Вакцинацијата ќе се одвива во три фази согласно утврдениот Национален план за имунизација на населението. Во првата фаза, предвидено е да се вакцинираат здравствените работници кои се во првата линија на одговор во болнички услови со висок и многу висок ризик за стекнување и пренесување на инфекција.
Во оваа фаза, предвидено е да се вакцинираат и постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смрт исход, дефинирани со ризик врз основа на возраст, и лица постари од 70 години. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива