Скопје, 2. април 2020 (ОХРИДПРЕС) – Здравствениот систем е подготвен да апсорбира поголем број на пациенти којшто се очекува со пикот на коронавирусот кон крајот на април. Моделот на третман и лечење на тешките и средно тешките пациенти во институции каде што има специјалисти по инфективна медицина, во комбинација со домашното лекување е модел на пристап кон пациентите со коронавирус којшто се применува во Германија и се покажува како солиден и може да се аплицира во нашата земја, дециден е министерот за здравство Венко Филипче.
Според него добро е што е воспоставенa координација помеѓу повеќе нивоа на институциите во рамки на здравствениот систем – примарните лекари, здравствените домови со пунктовите каде што се земаат материјали, секундарните болници и клиниката како врвна институција од терциерното здравство.
– Го очекуваме пикот и понатаму и мислам дека моделот на третман на којшто ќе се лечат тешките, средно тешките пациенти во институции каде што има специјалисти по инфективна медицина, тука пред се мислам на Клиниката за инфективни болести со дополнителен капацитет кој практично сега ќе биде дуплиран, понатаму болницата „8 Септември“ каде има и инфектолози и инфективно одделение меѓутоа и други капацитети, рече Филипче.
Институциите располагаат со доволно капацитети, но и со инфектолози специјалисти по инфективна медицина и обучен медицински персонал. Според информациите од министерството за здравство, Клиниката за инфективни болести заедно со дополнителниот капацитет за прием на тешко и средно-тешко болни пациенти со коронавирус располага со 250 болнички кревети, а со близу 400 кревети, болницата „8-ми Септември“ во Скопје.
По примерот од европските земји, во соработка со министерството информатичко општество и администрација, се изработува мобилна апликација за следење на лицата кои се во изолација. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива