Скопје, 9 април 2020 (ОХРИДПРЕС) – Министерот за здравство во македонската Влада Венко Филипче на денешната прес конференција најави дека за Велигденските празници ќе има целосна рестрикција во движењето, исто како и во време на викендите.
– Во однос на празниците кои се пред нас, тука ќе важи целосна рестрикција во движењето. Сметаме дека за тие празници, за време на можност за такви собири многу тешко ќе може да се исконтролира движењето, ако има дозволено таква можност. Така да, ставот ќе биде да важат истите мерки како и за викенд, рече Филипче одговарајќи на новинарско прашање.
Во текот на изминатото деноноќие се потврдени 46 нови случаи на Ковид-19, со што бројката на дијагностицирани случаи во државата е 663 лица.
Новопотврдените случаи се во градовите: Скопје – 12, Куманово – 13, Прилеп – 8, Тетово – 1, Струга – 2, Велес – 8, Кочани – 1, Пробиштип – 1. Во изминатото деноноќие направени се 341 тест. Досега во земјата се направени вкупно 6.571 тестирања на Ковид-19. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива