Скопје, 6. септември 2020 (ОХРИДПРЕС) – Многу од очекувањата и предвидувањата за овој вирус не се остварија, не само кај нас, туку насекаде во светот. Очигледно дека имаме работа со вирус за кој се’ уште не знаеме сè, изјави министерот за здравство д-р Венко Филипче во интервју за Радио слободна Европа.
Август беше месец на многу групирања, целата држава беше во Охрид и на другите туристички места. Се објавуваа јавно снимки од големи групирања, особено на млади луѓе, но од друга страна речиси цел месец опаѓа бројот на заболени од коронавирус во земјава. Според Филипче, толкувањето е дека луѓето се повеќе надвор и контактите дури и таму кадешто има прекршување на превентивните мерки се случуваат во надворешна средина каде можноста да се трансверира вирусот е помала во однос на тоа кога луѓето се во затворена средина.
-Оттука се нашите стравувања за есенските месеци кога сметаме дека таква поголема концентрација на луѓе во затворена просторија може да ја влоши епидемиолошката слика, вели Филипче.
Според него, ваквите поголеми собирања во Охрид не го зголемиле драстично бројот на заболени лица.
-Не е зголемен драстично бројот, како што беше појавата на, ќе го наречам, вториот бран, кога во рамките на семејните настани во затворени простории се јавуваа нови случаи. Значи многу помалку, додава министерот Филипче.
Комплетното интервју на Фросина Димеска си министерот за здравство д-р Венко Филипче ОВДЕ. (Крај)
извор: РСЕ фото: РСЕ