Скопје, 20. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Вкупниот број на заразени со коранавирусот од пред малку е 70. Тројцата нови пациенти биле во контакт со веќе заразени лица. Денеска заразени лица имаме во Скопје, Дебар, Гостивар Штип и Охрид.
Од утрово влошена е ситуацијата на единствената пациентка која е на респираторна машина. Двајца од заразените пациенти се во фаза на опоровавување, информираше попладневно Венко Филипче, министер за здравство во Владата на Република Македонија.
Тој повтори дека Македонија има 120 респираторни машини, а процентот на потребата од респираторна машина е 5 отсто на 1.000 заразени пацинети.
– Имаме проблеми со набавката на респираторни машини од Бразил и се надеваме дека ќе ги надминеме, а потврдена е донацијата од 200 респираторни машини од Кина. Тоа значи дека располагаме со доволен број, рече Филипче.
Тој информираше и за обединување на капацитетите на двете лаборатории, на Институтот за јавно здравје и на болницата „Жан Митрев“. Досега се направени вкупно 888 тестови, ИЈЗ има 1.400 тестови, во тек е набавка на уште 1.000, ветена е донација на 1.000, а тука се 300 тестови во болницата „Жан Митрев“.
Од понеделник тестови ќе се вршат на уште два пункта – поликлиниките во Аеродром и Чаир.
Филипче потсети дека затворањето на македонските граници за македонските граѓани е противуставно. (Крај)
извор: мкд.мк фото: мкд.мк