Охрид, 4. мај 2020 (ОХРИДПРЕС) – Со намалувањето на интензитетот на ширењето на заразата од коронавирусот, охридскиот Центар за јавно здравје ги потсетува сите угостители, стопанственици, дека пред започнување со работа на објектот задолжително е потребно да биде извршена целосна дезинфекција на просторот од страна на овластена јавна здравствена установа и со соодветно дезинфекционо средство чија употреба е одобрена од страна на Министерството за здравство.
Министерството за здравство и Владата на Република Македонија најавија мерки за олабавување на мерките и постепено започнување со работа на угостителски објекти, козметички салони, теретани, фитнес центри, трговски центри, производствен погон и објекти со друга дејност и намена, а согласно мерките пропишани од Комисијата за заразни болести кои се однесуваат на работа во услови на и по завршување на епидемија/пандемија.
– Како јавна здравствена установа поседуваме соодветен стручен кадар, опрема и средства и е овластена од страна на Министерството за здравство за вршење на дезинфекција, дезинсекција и дератизација (ДДД). Со цел да излеземе во пресрет на барањата и потребите на нашите клиенти во овој период, тимовите за вршење на ДДД мерки при Епидемиолошкото одделение во Центарот ќе бидат на располагање за обавување на услугата, секој работен ден од 08:00 до 20:00 часот. За закажување на термин за услугата контактирајте не на телефоните: 046/231-030 и 078/488-262 или на е-маил: [email protected]. За извршената услуга се добива соодветен евидентен лист-потврда која може да послужи пред инспекциските органи, информираат од Центар за јавно здравје Охрид. (Крај)
извор: ЦЈЗ Охрид фото: ОхридПрес