јуни 27, 2020

Кичево, 27. јуни 2020 (ОХРИДРПЕС) – Во текот на изминативе две ипол години нашиот фокус беше да обезбедиме поправедна и поправична држава, во која ќе зборуваме за поддршка на обесправените и оние на кои правдата им е најпотребна, изјави Радмила Шекеринска, заменик претседателка на СДСМ и носителка во ИЕ 5, која беше во посета на Кичево.

– Ако фокусот овие две ипол години се фокусиравме на поправична држава, фокусот во следните четири години ќе ни биде на обезбедување на целосно правна држава. Резултатот од нашата определба е повеќе од видлив особено во дело на правичното општество, општество за сите. Успеавме минималната плата да ја зголемиме од 9000 денари на 14.500 денари, најголемо во историјата на нашата држава. Ја зголемивме и просечната плата и да вратиме повеќе пари кај граѓаните, преку проектите МОЈ ДДВ, укинување на радиодифузната такса и враќање на евтината тарифа на струјата, кажа Шекеринска.

Го решивме и проблемот со стечајците, додаде таа, и за три пати го зголемивме придонесот за луѓето кои живеат од социјална помош и обезбедивме институционална помош за сите граѓани.

– Во наредните 4 години главна цел ќе ни биде да ја вратиме правната држава, затоа што чувме и видовме колку трул е нашиот судски систем. Да покажеме дека никој во земјава нема да биде над законот, како што успеавме да влеземе во НАТО и како што ги започнавме преговорите со Европската Унија, така сега ќе се нафатиме на тврдиот костен и нема да бидеме ниту под уцени ниту под притисоци, за да се справиме со ова зло. Во делот за Кичево главниот фокус ќе ни биде и економијата и инфраструктурата. Следната година целосно ќе го завршиме автопатот Кичево-Охрид. Инвестирани се повеќе милиони евра за збогатување на инфраструктурата во овој регион, рече Шекеринска.

Таа, исто така, кажа дека повеќе од 500 фирми само од Кичево искористиле финансиска помош за да ги зачуваат работните места.

извор/фото: Makfax

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука