Охрид, 20. октомври 2020 (ОХРИДПРЕС) – Шест прекршочни платни налози изрекле инспекторите од Државниот пазарен инспекторат во текот на изминатиот викенд во Охрид.
Раководителот на одделението за Пазарен инспекторат во Охрид, Цветко Ристески за Супер радио и OhridPress информира дека викендов биле контролирани угостителски објекти и обложувалници низ градот, дали ги почитуваат владините мерки и протоколи. Во поголемиот дел било констатирано почитување на мерките за заштита од коронавирус, додека шест правни субјекти заработиле парична казна.
– Имавме активности и овој викенд, контролирани се угостителски објекти и обложувалници, издадени се 6 прекршочни платни налози на правни лица поради неносење маски, казната е во висина од 2.000 евра. Покрај редовните контроли, постапува и излегуваме на терен и по дојава, вели Ристески.
За разлика од минатата недела, кога угостителски објект заработи кривична пријава поради организација на свадба, деновиве тоа не е забележано. Во изминатите седум месеци има 15-на кривични пријави за организирање на свадби во Охрид.
Во очекување да биде усвоен новиот пакет рестриктивни мерки, инспекторите децидни дека со контролите ќе продолжат со несмалено темпо и во периодот кој претстои. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива