април 24, 2018

Скопје, 24. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – Авалон Продукција на посебна прес конференција денес и официјално објави дел од програмата со која ќе одбележат 25 години од постоењето, а Охрид како најголем туристички центар во државата ќе биде еден од најжешките подиуми ова лето.

– Оваа година е исклучително значајна за нас како концертно промотерска компанија, која е најзаслужна за концертниот живот во Македонија. Авалон Продукција оваа година има важен јубилеј – 25 години од нејзиното постоење. Во рамките на јубилејната, подготвивме исклучителна програма, со концерти на бројни артисти од светската и домашната музичка сцена. Концертната сезона ја стартувавме кон крајот на февруари со концертниот маратон на Каролина во МОБ, во март со концертот на ТОТО, во април со концертот на Јосипа Лисац, а она што следи во периодов се концертите на Ѓорѓе Балашевиќ на 19-ти мај во ВИП Арена во Скопје и Владо Јаневски на први јуни на Стадионот на АРМ во Скопје, информираат од Авалон.

Една од најзначајните понуди на Авалон Продукција ова лето ќе биде и Фестивалот Ohrid Calling, како дел од проектот „СИТЕ ВО ОХРИД“, на кој ќе настапат имиња како Dimitri Vegas & Like Mike на 1 август, Jax Jones на втори и Armin van Buuren на четврти август, сите на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид.

Фестивалот Ohrid Calling ќе биде поддржан од страна на Општина Охрид, чии претставници денес беа дел од прес конференцијата.

– Како Општина Охрид направивме се` што е во наша моќ да помогнеме и на ова поле, кое според нас е исклучително важно. Доволен доказ за тоа колку ваквите настани се важни за нас е и самиот факт што е во тек манифестацијата „СИТЕ  ВО ОХРИД“, која започна околу Нова година со проектот „Од 20-ти до 20-ти СИТЕ ВО ОХРИД“ и која ќе ги сублимира на едно место сите вакви настани во текот на целата година. Ohrid Calling, но и сите други продукции и поединци кои ќе организирааат вакви настани ќе бидат дел од „СИТЕ ВО ОХРИД“ и се надеваме дека и во иднина, во оваа или друга форма, ќе продолжи нашата соработка. Подготвуваме и одличен старт на летото со комплетно нов пристап кон организацијата на манифестацијата „Бела ноќ“, но за тоа наскоро ќе ги објавиме деталите, вели за Супер радио и OhridPress Илија Пиперкоски, одговорен за овој сегмент во Општина Охрид.

Според неофицијалните најави, ова лето во Охрид ќе имаме исклучително богата понуда во делот на забавата. Се најавуваат звучни имиња од светската музичка сцена, а пред публиката ќе се претстават и дел од најголемите ѕвезди од Балканот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: Авалон Продукција

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука