Охрид, 1. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Автобус полн со патници кој преку Битола се превезувал до Охрид ноќеска остана заглавен неколку часа на превојот Буково.
Причината, како што информираат надлежните, е застојот во сообраќајот што го предизвикал шлепер кој превезувал тешки метални предмети.
Од Центарот за управување со кризи во Охрид велат дека тешкото товарно возило го попречило патот не само на автобусот, туку и на уште неколку други шлепери кои се нашле во моментот кај Буково.
– Застојот во сообраќајот кај Буково ноќеска траеше од 2 часот и 30 минути се’ до утрото во 7 часот и 15 минути. Дури потоа автобусот со патници дури успеа да тргне кон Охрид. Шлеперот кој превезувал тешки метални предмети се излизгал од патот и ги блокирал останатите тешки товарни возила зад него, автобусот, но и лесните патнички возила, автомобилите. Автомобилите успеале да ги поминат барикадите бидејќи се помали и да го продолжат патот, вели раководителот на ЦУК Охруд Митко Темелковски.
Заробените патници од автобусот се враќаа во Охрид од еднодневна шопинг-тура во Солун. Велат дека измрзнале на Буково и оти доживеале вистински хорор филм.
– Со часови останавме заглавени на патот, но никој не дојде да ни помогне.
Едноставно ни беше кажано дека не било возможно да дојде возило и да го извлече зализганиот шлепер, а кога ќе реагирале, ни рекоа оти знаеле. Во автобусот имаше и деца кои со часови чекаа, а потоа мораа заедно со сите останати да пешачат по снегот и во темината за да дојдат до такси возилата и конечно да си заминеме сите дома, ни раскажа охриѓанката С.В. која беше патничка во автобусот што заглави кај Буково.
Чистењето на патниот правец кој минува низ Буково каде што ноќеска имаше неколкучасовен застој е во надлежност на секцијата на јавното претпријатие „Македонија Пат“ во Ресен. (Крај)
извор: ОхридПресс фото: ОхридПрес