Охрид/Струга, 6. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Со низа активности, по четврти пат денеска ќе се одбележува Денот на реката Дрим.
Активностите се во организација на Еколошко друштво „Грашница”.
Програмата ќе започне во 9.30 часот на Градското пристаниште, со еко-караван со теренски возила кој ќе се упати кон селото Косел. Предвидени се јавни средби со жители од селата Косел, Вапила, Горно и Долно Лакочереј и дискусија на тема: Добри земјоделски практики за зачувување на сливот на реката Дрим во добра еколошка состојба, едукативна училишна посета со 20 ученици од Струга на станица за пречистување комунални отпадни води, с. Ложани, општина Струга, како и јавна дискусија: Добри земјоделски практики за зачувување на сливот на реката Дрим во добра еколошка состојба, с. Орман.
Поздравни говори ќе одржат заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Стево Темелковски и Дејан Пановски, национален координатор на ГЕФ проектот: “Овозможување прекугранична соработка и интегрирано управување со водните ресурси во поширокиот слив од реката Дрим”.
Координирана акција на ниво на Дримскиот басен отсуствуваше се до развивањето на Заедничката визија за одржливо управување на ниво на басенот на реката Дрим и потпишувањето на Меморандумот за разбирање (Тирана, 25.11.2011) од страна на Министрите надлежни за води и животна средина во државите кои го делат Дримскиот басен: Албанија, Македонија, Косово и Црна Гора. Сето тоа беше резултат на Дримскиот дијалог кој се координира од Global Water Partnership Mediterranean (GWP-Med) и UNECE, вели Дејан Пановски, национален координатор на ГЕФ проектот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива