ноември 20, 2019

Охрид, 20. ноември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Акциите продолжуваат: Се’ уште сме и’ потребни на Јана Арсовска од Охрид, информираат на официјалната страна на Facebook за поддршка на охриѓанката Јана Арсовска.

– Почитувани пријатели и познаници, знајни и незнајни, сите огромни хумани срца. И покрај феноменалниот одзив и реакција на сите хумани граѓани во и вон Македонија, сепак собраните средства по повеќе од два месеци беа околу половината од потребните за лекувањето на Јана на клиниката во Барселона. Ги направивме сите можни напори за да ни дозволат да уплаќаме дел по дел од средствата, само за да не седи дома каде повеќе од 10 месеци без никаква терапија и надеж ја оставија домашните институции – но за жал клиниката не прифати никаква опција освен 100% префрлање на средствата пред да почне со терапијата. Токму затоа Јана во моментов е во Солун во приватна клиника која понуди опции за третирање на ретката и опасна болест кои се финансиски поповолни од клиниката во Барселона. Не е терапијата која ја посакувавме, но е терапијата која можевме да и ја овозможиме на Јана благодарение само и само на вашата огромна хуманост. Со почетокот на терапијата во Солун финансиските ресурси кои сите вие хумани луѓе ги овозможивте започнаа да се намалуваат, но се надеваме и веруваме во докторите и во Бога дека ќе имаат позитивен ефект. Во меѓувреме, спорот околу незаконското одбивање на ФЗО за лекување на Јана се уште е во Вишиот управен суд, каде дојде откако по одлуката на Управниот суд случајот на Јана да биде повторно разгледуван, Фондот за здравствено осигурување скандалозно и нечовечки се спротистави на оваа одлука и реши да поднесе жалба. Веќе е јасно дека нема да можеме да и ја овозможиме терапијата во Барселона, освен ако Вишиот управен суд не досуди правично и човечки во корист на Јана. Во моментите кога Фондот реши да ја обжали одлуката на Управниот суд, знаевме дека само дополнително ќе и изгуби време на Јана, време кое никогаш не е сојузник во битката со ваквите ретки и многу опасни болести. Речиси 12 месеци по назнаката од конзилиумот од Германија дека Јана ИТНО мора да прима имунотерапија, институциите останаа глуви на ваквата итна препорака. ФЗО ја одби двапати со лажни заклучоци, а судовите и нивната брзина во постапување по случаи од животозагрозувачки карактер не треба да ви ги објаснуваме. Затоа моравме да преземеме чекор. Ве молиме да продолжите да чекорите со нас, односно со Јана. Вие и бевте силата досега, вие ќе и бидете силата и надежта и во иднина. Донирајте и молете се за здравјето на Јана, порачуваат од тимот за собирање помош и поддршка на Јана.

Image result for Јана Арсовска,

33-годишната Јана Арсовска од Охрид веќе петта година се бори со редок вид на рак. Во 2015 година, на Јана ѝ беше дијагностицирана „адултна неуробластома“, детски рак кој кај возрасни е многу редок и оттогаш таа ја води најтешката битка во животот.

Броеви за донирање од Македонија:
Т-Мобиле 143 143
А1 143 467

За донации преку жиро-сметка од Македонија:
5305-0001-0490-410, Охридска Банка

За хуманите луѓе надвор од Македонија: gofundme.com/hopeforjana

или преку жиро-сметка на:

IBAN:MK07530280003077681
SWIFT: OHRDMK22

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

 

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука