Охрид, 24. јуни 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во областа на културата ќе дејствуваме во правец на децентрализација на културно развивање на можностите да допре до секој граѓанин без оглед на припадноста и местото на живеење, порача денес од Охрид министерот за култура во Владата на Република Македонија, Роберт Алаѓозоски, на одбележувањето на 24-ти јуни, Денот на Египќаните на Балканот.
– Создаваме нови можности за вистинско и успешно унапредување на културата на сите заедници. Со особена грижа на оние заедници кои подолго време беа запоставувани, игнорирани и заборавени, додаде Алаѓозоски, поздравувајќи ги присутните на собирот.
Пред присутните говореше и Мустафа Муртај, заменик министер за јавна администрација.
– Во Србија и Црна Гора постои закон за формирање на национални совети на национални малцинства. Косово е пример за добра интеграција на египќаните во системот на институциите. Во Владата има припадници на заедницата на египќаните како пратеник и заменик министер. Акцент ќе ставиме на младите и на образованието и на вклучување на институциите на системот она што е почнато да се прави од наша страна, рече Муртај.
Професор д-р Рубин Земон, почесен претседател на Сојузот на балканските Египќани, во обраќањето напомена дека земјите од Балканот имаат постигнато голем напредок во уредувањето на правата на Египќаните, но за жал тоа не е случај и кај нас. Република Македонија е мултикултурна земја, но за жал се претвора се повеќе во бикултурна. Колку за пример, во парламентот на Косово имаме еден загарантиран пратеник. Во Србија и Црна Гора на нашите малцинство им се даваат сретства и голема помош.
– На маргините сме само во Македонија и Албанија. Преамбулата на Уставот во Македонија во практиката е многу поважна од амандманскиот дел, односно нормата дека за сите заедници треба да има соодветна и правична застапеност. Тоа се практикува за тие што се запишани во преамбулата, и покрај што таму продолжува, и другите. Тие другите се исклучени. Македонија е мултикултурна земја, но не знам од кои причини, можеби политичките структури го наметнаа така. За жал Македонија се претвора се’ повеќе во бикултура, биетницизам, иако влезот во преамбулата е зацртан и со Рамковниот договор со кој се наложува целосна еднаквост на граѓаните, нагласи Земон. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива