Охрид, 27. јануари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Додека Албанија го чисти крајбрежјето околу Охридското Езеро од сите објекти од цврста градба кои во минатото биле изградени на самиот брег, во Охрид и Струга многу објекти од цврста градба никнаа последните години долж целото крајбрежје со издавањето на плажите под концесија на што регираа и граѓаните но и екологистите, пишува ТВ Нова.
Албанската влада пред неколку дена презеде сеопфатни мерки за рушење на сите објекти без разлика дали истите имаа дозвола или беа без дозвола и соодветна документација. Сега делот од крајбрежјето личи на вистинска рушевина, бидејки за само неколку дена се срушени вкупно 64 објекти, ресторани, хотели и мотели. На сопствениците кои поседувале дозволи државата им платила надомест во висина на вредноста на самите објекти, а некои добиле и по 150.000 евра како надомест.
Инаку албанскиот дел од Охридското Езеро е пред номинација од УНЕСКО да добие статус на светски со закон заштитено природно подрачје, па многумина ова го поврзуваат токму со потребата да се исполнат одредени критериуми за добивање на еден таков статус.
Аријан Мероли, поранешен претставник на Албанија во Билатералниот комитет за заштита на Охридското Езеро вели дека ова е само прва фаза од рушење на сите објекти околу езерото.
– Албанската страна почнува да превзема мерки за крајбрежјето. Ова е само првата фаза од Лин до Подградец. Потоа ќе има друга фаза од Подградец до Тушемишта. Албанската влада за оваа фаза плати околу 6 милиони евра за овој простор и објектите како хотели или ресторани. Неколку ресторани имаа уредна документација кои беа регуларни, но Владата плати се и ги сруши, рече Мероли.
Мероли тврди дека не станува збор за директно барање од страна на УНЕСКО.
– Директно барање од УНЕСКО не е ама кога УНЕСКО бара да преземеме мерки да го заштитиме квалитетот на водата во езерото, ендемичната флора и фауна ова секако бара вакви мерки, вели Мероли. (Крај)
извор:ТВ Нова фото:ТВ Нова