Охрид, 20. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Амбасадорот на Туркије, Фатих Улусој денеска престојуваше во прва официјална посета на Општина Охрид.
– Чест ми е што денеска мој гостин беше амбасадорот на Република Турција (Туркије), Фатих Улусој, кој беше во прва официјална посета на Општина Охрид. На средбата разговаравме за можностите за зајакнување на заедничката соработка во повеќе општествени сфери, пред се во делот на туризмот, економијата и културата. Го информирав амбасадорот дека од година во година се зголемува бројот на турски туристи кои го посетуваат Охрид со надеж дека ваквата тенденција ќе продолжи и во иднина.
Во фокус на средбата беше и можноста за воведување на сезонска авио линија од Истанбул до охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ која би дала значителен придонес во туристичката соработка, подобрување на условите за патување и поврзување на двете пријателски држави. Раговаравме и за можностите за инвестирање во туристичкиот сектор на Охридското крајбрежје како и за условите за странските инвеститори во делот на стопанството. Тема на средбата беа и приоритетните инфраструктурни проекти на кои работи Општина Охрид како и потенцијалите за соработка во делот на образованието. Заедно со амбасадорот Улусој ја потенциравме и важноста на културната размена и можноста за гостување на турски уметници за фестивалот Охридско Лето, порача по средбата градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива