Охрид, 28. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Русинот Кирил Амбросимов и Бразилката Марсела Чуна триумфираа на 10 километарската трка која денеска се одржа во водите на Охридското Езеро.
Во оваа 7-ма по ред трка во рамки на ФИНА светската серија 2019 година учествуваа 16 пливачи кои ја претставуваат светската пливачка елита во моментов. На целта во машка конкуренција втор пристигна победникот на „големиот маратон“ во Охрид Аксел Рејмонд од Франција, а трет беше Матео Фурлан од Италија.
Во женска конкуренција втора беше Рашел Бруни, а трета Ариана Бриди и двете од Италија. Охрид прв пат во својата историја е домаќин на натпреварување од ваков вид и калибар на пливачи.
Организацијата помина малку стресно, но за се’ има прв пат, изјави Александар Маленко, претседател на ПФСМ.
– Можам да кажам само дека со ентузијасти, Комитет, искрени луѓе кои се дел од ПФСМ успеа нашата визија Охрид и нашата држава да бидат домаќини на 10 километарската олимписка дисциплина во светската серија на маратони, изјави Маленко.
Најдобрите светски пливачи меѓу кои и нашиот претставник Евгениј Поп Ацев, топ 5 мажи и жени олимписки и светски медалисти задоволни од условите кои ги нуди градот, езерото и организаторот.
– Тие се презадоволни од условите кои им ги понуди ПФСМ и нашите пријатели и во поглед на хотелско сместување, транспорт, задоволувачки капацитети и спортска опрема во вода и од нас како искрени домаќини, додаде Маленко.
Стартот на трките во машка и женска конкуренција го означи претседателот на МОК, Васил Тупурковски. Регуларноста на трката ја следеше делегатот на ФИНА, Жан пол Нарс кој предходно ја пофали работата на ПФСМ и одличните организирани маратони во рамките од Лен Купот на 10 километри и Ултра серијата на 25 километри. Денешната трка е 7-ма во светската серија на ФИНА од вкупно 9 вакви маратони. После трката во нашиот град следуваат трките во Тајпеј и Хангжу во Кина. (Крај)
извор: ТвМ фото: ТвМ