Струга, 11. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Утре напладне во просторот на „Арт Кафе“ во Струга, ќе се одржи Американско културно попладне.
Настанот ќе биде во организација на Американско катче Струга и едукативниот центар „Bridges“.
На почетокот ќе биде отворена изложбата „Picturing America”, која се однесува на уметноста на САД. Музички перформанс во живо ќе имаат учениците од Средното музичко училиште „Тодор Скалоски – Тетоец“ од Струга.
Од 14 часот ќе се одржи работилница за традиционалните танци во САД. Посетителите ќе имаат можност да ја научат кореографијата, која ќе ја пренесат танчерите Ким Козби и Иша Бардвеј, волонтери во Мировен корпус.
Додека од 16:30 часот ќе се прикажува филмот „Големиот Гетсби“, кој е снимен според истоимениот роман на американскиот писател Френсис Скот Фиџералд. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива