Андреј Ал-Асади e добитник на наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема за 2024 година
јануари 6, 2025

Охрид, 6. јануари 2025 (ОХРИДПРЕС) – Андреј Ал-Асади e добитник на наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема за 2024 година за поемата „Никогаш пред ил’ потем“, испратена под шифра „Хидаспес“.

Андреј Ал-Асади (1996, Лондон) дипломирал на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Автор е на стихозбирките „Midnight Blues“ (2013, Антолог), како и „Под дервишовото сиќе“ (2018, ПНВ Публикации), „Небесна геометрија“ (2019, ПНВ Публикации) и „Секој секому огледало“ (2021, ПНВ Публикации) со кои трипати влезе во најтесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“ што ја доделуваат Струшките вечери на поезијата, а добитник е на наградата „Енхалон“, што исто така ја доделуваат Струшките вечери на поезијата. Автор е и на збирките раскази „Друго минато“, за која во 2018 година ја доби наградата за дебитантски прозен ракопис „Новите“ од „Темплум“, и „Утрото на бессоните“ (2021, Бегемот).

Учествувал на повеќе поетски читања и фестивали, меѓу кои: Поетска ноќ во Велестово, Струшките вечери на поезијата, Светскиот поетски фестивал во Патрас, Грција, и на интернационалниот поетски фестивал „Стих у регији“ во Загреб, Хрватска. Негови песни се преведени на англиски, на арапски, на српски, на хрватски, на босански, на грчки и на италијански јазик. Член е на Управниот Одбор на Скопскиот поетски фестивал.

Наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема ќе се додели на главната манифестација Прличеви Беседи на 5-ти февруари 2025 година. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука