Струга, 16. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Од Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“ изразуваат жалење за случајот во Струга кој сведочи за каснување на човек од страна на бездомни кучиња.
– Жалиме да констатираме дека ваков случај не не изненадува воопшто. Со цел населението да ја разбере оваа ситуација сакаме да дадеме образложение за во иднина вакви изолирани случувања да бидат превенирани и спречени. Секако ова е обид да ја запреме хајката која претстои ако овој изолиран случај се третира како правило преку кој ќе се охрабри и стимулира чистка, насилство врз животните во случајов најверниот човеков пријател – кучето, велат од здружението.
Од здружението додаваат дека агресивноста кај животните се стекнува (од трауми, насилство на кое се изложени) или учи. Потсетуваат дека општините во рамки на својата ЕЛС имаат буџет (пари одвојувани од граѓаните) и со закон имаат обврска да ги стерилизираат кучињата, т.е во рамки на своите буџети извршат заловување-стерилизација /вакцинација/ обележување и враќање на кучињата на територијата каде се заловени.
– Прашуваме дали Општина Струга врши масовна стерилизација на бездомните кучиња, како што е задолжена со закон? Дали општината спроведува едукација што подразбира одговорно сопствеништво и спроведува ли казни при напуштање на милениците. Од друга страна отсуство на примена на програмата залови- стерилизирај-вакцинирај- врати; отсуство на казнени мерки при напуштање миленик и неконтролиран расплод, како и примена на нехумани практики (труење) само го продлабочува проблемот, создава прекубројност и секако е гарант дека вакви каснувања ќе се случуваат, децидни се од Анима Мунди.
Од Здружението сметаат дека доколку општина Струга нема капацитети да го третира проблемот на хуман начин, кој ќе ја гарантира безбедноста на граѓаните и животните, ја повикуваат да ополномошти здружение за заштита на животни и во рамки на општинскиот буџет даде прилика да тие покажат и докажат како хумано, ефикасно, економски исплатливо и трајно, се надминува проблемот со бездомните кучиња.
– Информираме дека Анима Мунди заедно со здружение од Струга Animal World, има доставено на општина Струга Предлог Програма за хумано и ефикасно решавање на проблемот со бездомните кучиња како и понуда за соработка – одговор никогаш не добивме. Animal World дејствува активно и многу често спроведува едукација, вдомување, стерилизација на животни и нивно згрижување во градот, волонтерски и самостојно, без подршка. Информираме дека сакаме и имаме капацитет да спроведеме стерилизација на бездомни кучиња во општина Струга и помогнеме во надминување на проблемот. Тоа би го сториле во партнерство со здружението од Струга, Animal World, додаваат од Анима Мунди. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива