Охрид, 19. јули 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во преполната сала во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, синоќа, во рамките на драмската програма на фестивалот „Охридско лето“, НУ Театар Комедија од Скопје со претставата „ИМЕ“ приреди вистинско театарско уживање.
Публиката, која во еден здив ја изгледа претставата со бројните комични заплети, ги наградуваше акретите со бројни аплаузи.
Атанас Атанасовски (Виктор), Јелена Жугиќ (Бети), Роберт Ристов (Петар), Илија Илиоски (Тони) и Кристина Ласовска (Ана) фасцинираа на сцената со одличната актерска игра. Нивната оргиналност, динамичност и комичност беше само потврда за големината на фестивалот кој со години е сцена само за најдобрите театарски креации.
Претставата „Име“ работена според современите француски писатели, драматурзи, режисери и продуценти, Александар де ла Пателие и Метју Делапорт, во режија на Ненни Делместре, прикажа ситуации на „непотребните“ расправии во едно семејство, на пет другари од детството кои се заедно од деца.
Дејството во претставата, кое е адаптирано за едно македонско современо семејство, се одвива во станот на сопружниците Бети и Петар каде секојдневието тече со „нормално“ темпо на живеење, сè до моментот, кога братот на Бети, Виктор како иден татко, свечено, но „зајадливо“ ќе го објави името на својот нероден син. Токму луцидната постапка со изборот и најавувањето на фамозното име доведува до недоразбирања во семејството, во кое расправијата за тоа кое име е прифатливо за детето на Виктор и Ана, доведе до уште поголеми комични заплети. Во претставата како дел од семејството се и Тони, нивниот пријател од детството и сопругата на Виктор, Ана. (Крај)
извор: Охридско лето фото: Охридско лето