Охрид, 31. октомври 2014 (ОХРИДПРЕС) – Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ денеска одржа прес-конференција по повод, како што беше речено, континуираните напади кон нив од страна на СДСМ во однос на капиталните проекти кои ќе ги гради Општина Охрид, автобуската станица, катната гаража и домот за стари лица.
– Доколку СДСМ не крадеше и не го опустошеше Охрид во толкава голема мера, општината ќе реализираше некој од овие три крупни проекти со сопствени средства. Во моментов, анализите направени со стручни лица и заинтересирани приватни инвеститори покажаа дека најдобар и најбрз модел на реализација на овие капитални проекти е со продажба на земјиштето, а на општината, одлично би и дошле приходите по основ на продажба на земјиштето и комуналии, затоа што истата на власта од ВМРО-ДПМНЕ и беше предадена со долг од над 33 милиони евра, изјави координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Арнаудоски.
Како што додаде тој, намерата е што повеќе инвеститори да се јават на јавниот повик со цел да се зголеми цената на продажба. Доколку не успее овој модел, рече тој, не се исклучува можноста за друг модел, како јавно приватно партнерство или друго, согласно законската регулатива.
– Почетна цена за откуп на земјиштето каде треба да се гради автобуска станица е 3.170, односно 1.393 денари за дом за стари лица и 1.543 за катната гаража. Автобуската станица ќе се гради на 11.991 метри квадратни. Планираното е дека со продажба по најниска цена ќе се инкасираат 38.014.418 денари, од што согласно законот на општината ќе и припаднат 80 % односно, општината би добила 30.411.534 денари. Очекуваниот приход од продажба на парцелата за катна гаража од 1.515 метри квадрати е 1,8 милиони денари, а од продажбата на парцелата за изградба на дом за стари лица од 8.425 метри квадратни 11,7 милиони денари. Дополнително уште неколку милиони денари би се добиле по основ на комуналии, појасни Арнаудоски на денешната прес-конференција.
Земјиштето, нагласи тој, кое ќе биде предмет на продажба, ќе може да се користи исклучиво за изградба на предвидените капитални објекти.
– Земјиштето што ќе се подава е строго наменето за реализација на овие три проекти. И во самата тендерска документација ќе биде наведено дека земјиштето се продава исклучиво со оваа намена и самиот купувач на земјиштето ќе има обврска во рок од три месеци да прибави дозвола за градба и по извесен број на години да изгради таков објект, рече советникот.
Арнаудоски обвини дека доколку СДСМ не оставела огромни долгови на општината во времето кога раководела со неа, капиталните објекти би можеле да бидат изградени и со средства од општината.
– Општинскиот долг од над 33 милиони евра, блокираната сметка, заведените над 428 судски спорови против општината, предимензионирана општинска администрација, катастрофалната материјална и финансиска состојба во општинските јавни претпријатија и образовните институции, ова се капиталните дела што СДСМ ги остави во Охрид, рече на денешната прес-конференција во општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ советникот од оваа партија Илија Арнаудоски. (Крај/А.Р.)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес