Скопје, 12. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – За да не бидам ничив политички товар решив да се повлечам од јавниот живот, објави поранешниот вицепремиер и член на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Артан Груби на својот профил на Facebook.
Во објавата Груби додоава дека за својата одлука веќе го информирал и лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Груби наведува дека е „чист како солза“ и оти одлуката ја донел за мир на неговото семејство и зачувување на личниот интегритет.
– Ова е тешка одлука, но неопходна за мир на моето семејство и зачувување на мојот личен и политички интегритет, како и за поддршка на континуитетот на работата и посветеноста на нашиот лидер Али Ахмети, пишува Груби.
Поранешниот вицепремиер, кој од пред неколку дена се најде на „црната листа“ на САД, во објавата пишува дека целиот свој јавен живот бескомпромисно бил посветен на еднаквоста на Албанците во Македонија, за мир во регионот, за целосна интеграција во НАТО, за членство во ЕУ, како и за стратешко партнерство со САД.
– Тоа се вредности кои не се само мој двигател, туку и обврска што отсекогаш сум ја чувствувал. Нашите достигнувања, за кои сите сме сведоци, не се само заслуга на мојата посветеност и на моите колеги, туку и на искрената и континуирана поддршка од нашите пријатели од САД и ЕУ. Фактот што денес Македонија е членка на НАТО и ги започна преговорите за членство во Европската Унија е јасен доказ за оваа соработка и заедничка посветеност, додава Груби.
Сепак, додава тој, одлуката за повлекување од јавниот живот ја донел поради „огромните напади низ годините, погрешните толкувања и нефер обвинувања“.
Груби образложувајќи ја одлуката вели дека секогаш ќе остане посветен на вредностите и оти ќе биде покрај ДУИ, како граѓанин и како поддржувач на општото добро, а за Ахмети вели дека останува најголема надеж за Албанците и за сите граѓани на Република Македонија.
Американскиот Стејт департмент во понеделникот соопшти дека поранешниот прв вицепремиер Артан Груби од Демократската унија за интеграција (ДУИ) и судијата во Апелацискиот суд во Скопје, Енвер Беџети, се ставени на т.н. „црна листа“ на Соединетите Американски Држави.
Груби и Беџети се најдоа на листата поради вмешаност во значителна корупција, конкретно поради примање поткуп во врска со судските процеси поврзани со ексдиректор на поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков.
Покрај Груби, на листата се ставени и членови на неговото потесно семејство.
Груби беше прв вицепремиер во владите на СДСМ и ДУИ, партии кои се најдоа во опозиција по овогодишните парламентарни избори. (Крај)
извор: 360 Степени фото: архива