Охрид, 10. октомври 2019 (ОХРИДПРЕС) – Децата од балетското студио „Ана Савиќ“ неодамна остварија гостување во Македонска опера и балет, каде одиграа две претстави од нивната изведба на „Петар Пан“.
– Децата имаа можност и да извршат обиколка на просториите и салите во МОБ и одблизу да научат како функционира една поголема организација. Гостувањето се поклопи со големиот јубилеј, 70 години МОБ МОБ), а беше организирано во спомен годишнината од смртта на Екрем Хусеин, доајенот на македонскиот балет и незаборавниот Петар Пан, информираат од „Ана Савиќ“.
Ова балетско студио брои 30-тина членови, кои работат под водство на балерината Ана Савиќ. Се организираат часови по класичен балет, контемпорари, аеробик и јога. Еднаш годишно организираат концерт во Домот на култура „Григор Прличев“. Редовно учествуваат на бројни натпревари како домашни, така и меѓународни (Рим, Виена, Загреб, Нови Сад). (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива