Охрид, 5. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Наградата „Григор Прличев“ за најдобра необјавена поема на македонски јазик за 2014 година денеска му беше врачена на добитникот Славе Банар за неговото дело „Амбар“.
Свечената церемонија на доделување, на која беше истовремено објавен и конкурсот за 2015 година, се одржа денеска во Центарот за култура „Григор Прличев“ во рамките на традиционалната манифестација „Прличеви беседи“.
Како што истакна Наташа Аврамовска, претседателка на стручното жири кое ги оценуваше пристигнатите поеми, „Амбар“ на охриѓанецот Банар има многу впечатливи поетски слики и притоа е поема која се обидува помеѓу класичното и модерното да призвучи ангажирано во однос на актуелниот миг.
– Поемата се обидува да направи еден фундаментален широк заграб. Наспроти романтичарското опејување на она, за навек загубено рурално време на опстојување на македонската заедница кое е во класични стихови испеано, во дисонантни стихови и со скалести стихови се појавува времето откако Македонија почнува сама да ја испишува својата историја. Проследени се периодот на социјалистичката изградба и актуелниот миг. Тоа е ангажирана и критички осмислена поема од позиција на воспевање на односот на власта и народот. Насловната метафора на амбарот се појавува како чадор под кој многу поетски слики се подведени и стои како знак на се’ она што значи стопанисување со земјата и светоста визави оттуѓеноста на власта и народот. Најзначајното е што еден таков непоетски мотив, охриѓанецот Славе Банар успева тоа навистина естетски да го вообличи за да звучи поетски, рече Аврамовска.
Наградениот автор Славе Банар нагласи дека е горд што успева да ја продолжи традицијата што ја воспоставил еден од најголемите автори и преродбеници врз кои се потпира Охрид, големиот Прличев.
– Се чувствувам по малку повластено, но и благословено што успеав да се приближам до поетскиот здив на големиот Прличев. Јас единствено само постапив по чекорите кои ги следев целиот свој живот минувајќи покрај езерото. Верувам дека е гордост не само за охриѓани, туку и за Македонците што конечно во коректна и анонимна борба, наградата му припадна на Охрид после сите овие години на псотоење на прличевата награда, рече авторот на наградената поема „Амбар“.
Наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема напишана на македонски јазик првпат ја добива поет од Охрид.
Славе Банар е роден на 5-ти јануари 1954 година, во селото Лешани, охридско. Дипломирал на Филолошки факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Тој е магистер по македонска книжевност и доктор на науки од областа на книжевностите. Магистрирал и докторирал на Универзитетот во Љубљана. Работел како библиотекар, виш библиотекар и директор во Градската библиотека „Григор Прличев“ во Охрид, како и професор по македонски книжевности на Државниот универзитет во Тетово, по предметите: Македонска народна книжевност, теорија на книжевноста, македонска книжевност 19 век и современа македонска книжевност. Банар е член на Друштвото на писатели на Македонија од 1989 година.(Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес