Охрид, 3. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Задоволството од организирањето на фестивалот е подеднакво за децата, но и за сите останати, ова е манифестација вредна за градот, потенцира Методија Бараковски, уметнички директор на детскиот фестивал „Распеано рибарче“.
Во пресрет на идната година, кога фестивалот ќе слави јубилеј од 20 години и понатаму останува борбата да се зачува и одржи единствениот ваков фестивал во Охрид, кој ја слави и промовира квалитетната детска песна. Бараковски додава дека децата самите учествуваат, пеат, играат и ги забавуваат своите врсници. И годинава, покрај сите финансиски потешкотии, организаторите успеале да го направат фестивалот на ниво.
– Обврските се големи, се обидуваме финански да опстоиме, а задоволството е големо, за да им понудиме радост на децата. Сцената е убаво уредена, песните се весели, певливи и прифатливи кај децата. На моиве години имам малку повеќе ангажман, затоа што го водам и делот за подготвување на децата и менаџерскиот дел, но се трудам, издржувам. Се надевам дека ќе дојде екипа која ќе си ги преземе работите, оваа манифестација и понатаму да биде една од поубавите во градов. Сцената е магија за секој млад човек, а помага и во формирањето на нивните карактери, објаснува Бараковски.
За младиот Лео Нелоски претставува радост како настапот на фестивалот, така и редовните проби со хорот и солистите кои ги одржуваат во Центарот за култура во Охрид.
– Ја пеам песната „Ние главни сме“. Во неа се пее дека јас и мојата другарка сме главни. Песната ми ја напиша Димче Китрозовски. Многу е убаво фестивалчето. Јас ја снимив песната лесно и брзо, кажува Нелоски.
Мила Цепенковска ја пее песната „Сакам да сум славна“.
– Во песната која јас ја пеам, се зборува како да се стане славен. Се дружиме сите тука, многу е убаво. Јас мојата песна ја научив да ја пеам за многу кратко време, вели Цепенковска.
Фестивалот, покрај промовирањето на музиката, има мисија да ги насочува децата на дружење, препознавање на вистинските вредности. Децата дополнително се социјализираат. Има простор да се всади љубов кај музичките таленти, уште повеќе да ја ценат музиката.
– Ова нека биде уште еден апел до сите родители, доколку нивните деца пројавуваат интерес за музика, дали пеење или танц, да им овозможуваат да се занимаваат со тоа. Распеани деца на едно место, тоа е најубавото нешто. Благодарен сум на сите кои творат за деца и како автори, композиторите, текстописците. Сé што правиме, правиме за децата, барем така јас работам. А уверен сум дека така мислат и луѓето со кои соработуваме за овој фестивал, сите го правиме фестивалот од љубов кон децата, додава Бараковски.
Годинава на фестивалот се изведуваат 13 нови детски песни, има вкупно 20 изведувачи, како и членовите од детскиот хор и од танчерските групи. Денес и утре ќе има по две фетивалски изведби од 11 и 12 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“, додека на 5 мај ќе биде главната свечена изведба, со почеток во 19 часот. Оваа година на фестивалот се пее и една песна од членови на пејачката група на Културно уметничкото друштво „Ѓердан“ од Охрид. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес