Охрид, 14. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Неизвесна е судбината на станарите на неколку станови во зградата на приватната градежна фирма „Трудбеник“ во населбата Расадник во Охрид, иако тие ги платиле сите давачки за купување на становите од фирмата.
Нивните домови деновиве повторно се предмет на заплена поради нерешени имотно-правни односи помеѓу „Трудбеник“ и Јавното претпријатие за стопанисување со јавен и деловен простор на Република Македонија. Тоа е причината што извршител веќе вторпат им испраќа известување дека на 10-ти март ќе изврши попишување во нивните станови.
– Би сакала да ги запрашам оние коишто се инволвирани во овој процес, до кога ние ќе трпиме заради нерешени имотно-правни односи што ги имаат други. Она што си го имаат тие меѓу нив, нека си го решаваат. Тоа започнало во 2012 година, а ние сме сопственици на становите од 2008 година. Ние сме една од ретките држави каде што можат да се случуваат вакви работи, вели Ирена Бачиќ, сопственичка на стан во зградата изградена од страна на АДГ „Трудбеник“ на улицата „Карпош Војвода“.
Таа појаснува дека на 29-ти октомври 2014 година станарите ја добиле пресудата од Апелацискиот суд во Битола со која се потврдува пресудата од Основниот суд во Охрид дека тие се сопственици на становите уште од 2008 година кога воопшто не бил започнат спорот помеѓу АД „Трудбеник“ и Јавното претпријатие за стопанисување со јавен и деловен простор.
– И покрај тоа што нам ни е потврдено дека сме сопственици на становите, а некои извадија и имотни листови, извршителот Душан Филиповиќ врши злоупотреба на службената должност и ни прати налог за извршување, додава Бачиќ.
Сопствениците на петте станови кои се предмет на заплена, велат дека секојдневно живеат под стрес и во страв да не останат без покрив над главата, иако, како што нагласуваат, уредно си ги платиле давачките за откуп. Тие денеска се заканија дека повторно ќе поднесат тужби против извршителот, но и против Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор и приватната градежна фирма од која ги купиле становите.
– Имам имотен лист за станот што го купив во зградата „Расадник“ на улицата „Карпош Војвода“, а извршителот Душан Филиповиќ ми испрати известување дека на 10-ти март ќе дојде да попишува. А што ќе попишува? Нешто што е мое? Токму поради ова малтретирање што ни го приредува извршителот, ние повторно ќе поднесеме кривична пријава против него. И првата што ја поднесовме се реши во наша корист. Исто така, ќе поднесеме тужби и против јавното претпријатие и АДГ „Трудбеник“, вели Јованка Цветаноска.
Директорот на Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија Цветко Грозданов вели дека „Трудбеник“ има долг кон ова јавно претпријатие и мора да го плати, а претпријатието, доколку не ги го наплати долгот пред тој да биде застарен, ќе сноси кривична одговорност.
– Наша законска обврска е да ги наплатиме долговите зашто доколку дозволиме да застарат делата и не преземеме никакви мерки, ќе сносиме кривична одговорност. Од тој аспект, „Трудбеник“ има долг кон јавното претпријатие и преземаме обврски за да ги исцрпиме сите правни лекови за наплата на долговите. Не се работи само за еден случај, туку за пет-шест илјади вакви случаи. Сите се оптужени од страна на Јавното претпријатие за да не се дозволи застарување на долговите. Жалам што во овој случај се инволвирани граѓаните, но не од наша страна, туку од страната на „Трудбеник“, објаснува Грозданов.
Според него, единственото решение е, сопственикот на „Трудбеник“ да ги плати своите долгови. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес