Охрид, 5. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Момчило Бајагиќ Бајага и неговите Инструктори се подготвуваат за големиот концерт во Арена Загреб, кој ќе се одржи на 19-ти октомври во рамките на турнејата „Samo nam je ljubav potrebna“ со која се одбележуваат 40 години од нивното постоење.
– Никој од нас немаше намера да издржи толку долго, уште тогаш верував дека ќе имаме неколку свирки и тоа беше тоа. После тоа снимивме уште еден албум „Sа druge strane jastuka“, по што популарноста тргна по нагорна патека и темпото беше такво што веќе никој не размислуваше за ништо. Свирките само се редеа и ете, поминаа 40 години, вели Бајага.
Турнејата по повод 40 години на сцената ја започна во април во Загреб, со интимен концерт во „Творница Културе“, за кој билетите се распродадоа за само неколку часа. На неодамнешниот концерт во Белград се собраа околу 40.000 луѓе, што е само еден од низата показатели за тоа колку бендот е популарен и по четири децении.
Бајага и инструктори се веројатно еден од ретките бендови кои успеале да опстанат без никакви прекини или распаѓање во текот на своето 40-годишно постоење, што е реткост во музичкиот свет. Бајага одговара на тоа, токму во стилот на името на турнејата.
– Навистина го сакаме она што го работиме. Се чувствувам одлично на сцената и имам добар тим кој ужива во свирката со мене. Тоа не е само работа за нас, има навистина големо задоволство во тоа. Навистина се трудиме. А тоа може да се види од фактот дека нашата публика е разновидна, од деца до постари, додаде Бајага.
По Арена Загреб, следуваат настапи во Сплит, на 23-ти ноември и во Риека на 20-ти декември, каде публиката ќе има можност да ужива во целокупниот опус на бендот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива