Скопје/Охрид, 8. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – Известувања за сомненија за поткуп на гласачи се примени во Охрид и Крива Паланка, меѓутоа до овој момент за овие настани не е поднесена кривична пријава до надлежните обвинителства. Доколку биде поднесена пријава, Бајрами вели дека обвинителствата веднаш ќе преземат дејствија на проверки, порача Јавниот обвинител и претседател на привремената комисија на Јавното обвинителство за следење на евентуални кривични дела против изборите и гласањето како и други изборни нерегуларности Џељаљ Бајрами, кој напомена дека изборниот процес поминува мирно и без нарушувања.
– И понатаму до овој момент станува збор за мал број настани кои би можеле евентуално да имаат обележја на кривично дело, па може да се даде една генерална оценка дека целиот изборен процес до овој момент поминува без поголеми нарушувања од аспект на јавнообвинителското постапување, заклучи Барјами и додаде дека сите евентуални сомненија за кривични дела кои би можеле да го нарушат изборниот процес ќе бидат испитани, а предметите ќе имаат приоритет на постапување во јавните обвинителства.
Тој потенцира дека од отворањето на гласачките места, до овој момент до Основното јавно обвинителство нема пријавено инциденти или неправилности кои би имале елемент на кривично дело.
– Во текот на вчерашниот ден, веќе известивме дека по поднесена пријава во ОЈО Велес со сомненија за изборен поткуп и пронајдено оружје и муниција беше оформен предмет во ОЈО Велес за две лица. За едното лице веќе има итна постапка со предлог за притвор за поголемо количество оружје и муниција кои беа пронајдени кај него. За второто лице предметот ќе оди во редовна постапка, а во исто време, ОЈО Велес веќе презема дејствија за проверка на наводите кои се однесуваат на изборен поткуп, соопшти Бајрами. (Крај)
извор: МИА фото: Скопје 1