Скопје, 1. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Денес почнува вакцинацијата со новите вакцини за рота вирус и пнеумокока, која Министерството за здравство ја воведе во редовниот календар за имунизација за бебињата и децата.
Вакцините за бебиња и мали деца се веќе дистрибуирани во вакциналните пунктови и родителите може да почнат да ги носат децата на вакцинација. Со вакцината против рота вирусот се заштитени најголем процент од децата кои ја примаат, а се дава во три дози со ставање капки во устата на детето, на возраст од шест недели до 32 недели. Првата доза од вакцината треба да се даде пред детето да наполни 15 недели, додека сите три дози на вакцината треба да бидат примени пред да наполни осум месеци.
Со пнеумококната вакцина се намалува можноста за пренос на бактеријата. Третманот на пнеумококни инфекции со антибиотици не е толку ефикасен, поради големата отпорност на бактеријата кон антибиотици, што ја прави вакцинацијата уште поважна превентивна мерка. Вакцинирањето е најдобриот начин детето да се заштити од пнеумококна инфекција.
Пнеумококната вакцина се дава интрамускулно, а таа штити од повеќе серотипови пнеумокока, кои се поврзуваат со тешки инфекции кај децата. Детето може да прими од една до четири дози, во зависност од возраста на детето во моментот кога е почнато со вакцинација.
Од почетокот на јануари годинава кога беше прогласена епидемија на мали сипаници, вакцината ја примиле над 30.000 лица, а заболеле 1.833 лица, додека, за жал, од компликации четири дечиња починаа. (Крај)
извор: Плус инфо фото: архива