Охрид, 2. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Денеска и утре во зградата на Општина Охрид ќе се одржи бесплатна обука за родители (или членови на семејствата) на деца, адолесценти и возрасни лица со аутизам.
Ваква обука се организира по петти пат, а е во рамките на проектот „Еднаквост и социјална инклузија преку позитивно родителство кој е дел од Еразмус + програмата на Националната агенција за европски образовни програми на Англија.
Целта на проектот е создавање на модел заснован на научни докази за едукација на родители на деца со аутизам кој ќе може да се користи во Европа, создавање на програма и еколошки материјали за обука на родители, употреба на материјалите во едукација на семејства на деца со аутизам во региони каде што претходно не биле спроведувани едукации, како и оценка на употребата на материјалите и влијанието на обуката преку квалитативни и квантитативни анализи на податоци.
Родителите на деца со аутизам, поради немање доволно информации, често пати не знаат како да се справат со состојбата во која се наоѓа нивното дете. Во Охрид има малку кадар кој е стручен и обучен да работи со аутистични деца. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива