Охрид, 31. јануари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Во сабота, во Охрид и Струга ќе се одржи бесплатно Предавање на тема: „Превенција и рана дијагностика на Алцхајмерова болест/деменција“.
Предавач ќе биде д-р Драган Илиевски – претседател на Здружението за Алцхајмерова болест – Македонија, а предавањето ќе се одржи со почеток во 11:30 часот во Струга и во 14:30 часот во Охрид.
– Наменето е за сите граѓани од Охрид, Струга, Вевчани и Дебарца над 60 години и нивните фамилии. На самото предавање ќе се објасни како да се препознаат симптомите на болеста и на кои се начини може да се забави процесот на заболување. Местата се ограничени, доколку сакате да учествувате на предавањето ве молиме јавете се за да ви обезбедиме место на 077/855-155 (за Охрид) и 077/817-432 (За Струга), информираат организаторите.
Според најновите истражувања, ризикот за тоа кој ќе заболи од Алцхајмеровата болест/деменција може да се предвиди уште пред 10-20 години пред клиничката манифестација на болеста. Според најновите извештаи на Светската здравствена организација, Алцхајмеровата болест (деменција) претставува сѐ поголем глобален здравствен, медицински, социјален и легислативно-правен проблем во целиот свет. Таа е една од водечките болести во светот со околу 27 милиони заболени луѓе, а до 2050 година се предвидува дека тој број ќе се зголеми до 50 милиони заболени од оваа засега фатално заболување на мозочното ткиво.
– Во текот на март и април ќе организираме викенд работилници за здраво готвење и јога часови за витално стареење. Бидејќи местата се ограничени, доколку сакате да учествувате, ве молиме да се пријавите на дадените телефони. Оваа активност е дел од под-проектот „И старите можат“ кој е спроведуван од Локалната агенција за развој до Струга која е членка на Мрежата Инклузива М за социјална инклузија на старите лицата од трета доба во Република Македонија од 2016 година. Под-проектот се спроведува во рамки на Регионалниот проект „Преземање на акција за социјална инклузија на старите лица” поддржан од од Европската унија, со финансиска поддршка на Австриската агенција за развој и Австрискиот црвен крст, кој Црвениот крст на РМ во Македонија го спроведува во заедничко партнерство со здружението „Хуманост“, додава проект координаторот Катерина Василеска. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива