март 29, 2017

Скопје/Охрид, 29. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Градската библиотека „Браќа Миладиновци“- утре ќе организира Книжевнo пладне по повод 30 години од смртта на големиот македонски писател Живко Чинго.

Чествувањето ќе се одржи во спомен – собата на Миладиновци во Библиотеката. За делото на Чинго ќе зборува проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, а делови од неговото творештво ќе интерпретира актерот Томе Витанов.

Живко Чинго (1935-1987) е еден од најпознатите раскажувачи, романсиери и драмски автори во македонската книжевност. Негови значајни остварувања се збирките раскази Пасквелија, Нова Пасквелија, Пожар, Вљубениот дух, Накусо, Гроб за душата, Бунило, романот за деца Сребрените снегови, романите Големата водаи Бабаџан и драмите Образов, Ѕидот,водата, Кенгурски скок и Макавејските празници. Преведен е на повеќе јазиици и добитник е на најважните книжевни награди.

За неговото дело академик Георги Старделов ќе напише: …Светот на Живко Чинго е чудесната земја Пасквелија(според селото Пасквел, некаде покрај езерото), колку имагинарна, толку и сурово стварна. Неговата проза, всушност ги открива големите тектонски пореметувања во животот на луѓето. … Раскажувачкиот свет на Чинго е опседнат од една драматична револуционерна тематика на нашето живеење, откривајќи ни во него бурни, преломни и потресни настани… (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука