Охрид, 6. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – Билјанините извори, една од најпрепознатливите локации во градот под Самуиловата тврдина, веќе подолг период се без вода.
И додека до неодамна можеше да се забележи сосема малку вода, сега веќе од нив воопшто не тече вода. Причина е сушниот период без врнежи, но и проблемот што го има подолго време со водостојот на Преспанското Езеро, од каде истекува водата во нашиот езерски бисер. Според денешните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР), езерото е на кота од 693,13 м.н.в, што е за 15 сантиметри под просекот за октомври (693,28 м.н.в) и само три сантиметри над минимално дозволеното ниво (693,10 м.н.в).
Локалитетот „Билјанини извори“ охриѓани често го нарекуваат и душата на градот. Бројни посетители, домашни и странски се определуваат токму за посета на изворите, а локалитетот е една од најголемите препознатливости на древниот град под Самуиловата тврдина. Ова место го користат за да пешачат и да се релаксираат, како и да избегаат од гужвата која владее во центарот на градот.
Чистата вода со која се „храни“ Охридското Езеро, главно доаѓа од карстните терени на околните планини. Најголем дел од водата доаѓа од повисокото – Преспанско Езеро и преку подземни пукнатини низ планината Галичица, избива на повеќе места во вид на силни извори – врутоци покрај источниот брег.
И Охридското Езеро периодов се соочува со недостиг на вода, па на езерскиот кеј се забележуваат суви делови. Од почетокот на месецов нивото е видно намалено, а тука е и опасноста водостојот да „падне“ на минимално дозволената кота. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес